НОВИТЕ ПРОФЕСИОНАЛНИ ВОЈНИЦИ ВЕЖБАА ГАЃАЊЕ СО МАНЕВАРСКА МУНИЦИЈА, ВЕЛЕШНИ СЕ УПЛАШИЈА ОД НЕНАЈАВЕНИТЕ ПУКОТНИЦИ

    НОВИТЕ ПРОФЕСИОНАЛНИ ВОЈНИЦИ ВЕЖБАА ГАЃАЊЕ СО МАНЕВАРСКА МУНИЦИЈА, ВЕЛЕШНИ СЕ УПЛАШИЈА ОД НЕНАЈАВЕНИТЕ ПУКОТНИЦИНовата генерација професионални војници е на обука во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес, каде што е сместена Командата за обука и доктрина. (Фото: СДК.МК)

    Вечерни вежби со маневарска муниција на Армијата се причина за синоќешните пукотници што ги вознемирија жителите на новиот дел од Велес. Од СВР Велес велат дека припадници на Армијата реализирале вежба во периодот од 18:00 до 21:30 часот, во делот на Јаворски Пат, во реонот на Горно Оризари и дека таа била навремено пријавена од Генералштабот на АРСМ.

    Станува збор за активности на новата генерација професионални војници која е на обука во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес, каде што е сместена Командата за обука и доктрина. Обуката започна на 10 февруари и трае повеќе денови.

    Пукотниците предизвикаа вознемиреност кај граѓаните, кои преку социјалните мрежи бараа одговори за тоа што се случува. Во текот на вечерта, локалните медиуми и Центарот за управување со кризи (ЦУК) немаа информации за пукотниците. Дел од велешани во своите реакции посочија дека и претходно имало вакви вежбовни гаѓања, но јавноста навремено била информирана преку локалните медиуми, што овојпат изостана.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира