Жителите на Општина Ново Село утре излегуваат на референдум за да се изјаснат дали се за или против изградба на рудникот за бакар и злато Иловица што се наоѓа на планината Огражден, а зафаќа добар дел од територијата на оваа општина. Право на изјаснување имаат 11.432 граѓани, а за да биде успешен референдумот на 20-те гласачки места треба да се изјаснат најмалку 5.720 жители со право на глас.
Од Општинската изборна комисија (ОИК) на Ново Село потврдија дека сè е подготвено за утрешното изјаснување на жителите на оваа општина, а по неуспешниот референдум во Босилово, речиси сите здруженија, политичари деновиве упатија повик до граѓаните да излезат и согласно нивната волја да заокружат дали се за или против рудници во Ново Село.
Повикот доаѓа бидејки сите се свесни дека бројот на граѓани од единствениот избирачки список не содејствува со реалната слика во оваа општина, оти голем бро граѓани со години живеат и работат во странство. Апели упатија дури и кандидатите за градоначалници, со цел референдумот да биде успешен.
„Се надеваме дека жителите на Ново Село ќе имаат поголем демократски капацитет и ќе излезат на референдумот. Ние дефинитивно остануваме на ставот дека во Струмичко не е потребен рудник бидејки ќе се уништи земјоделието, сточарството во подогражденскиот предел, а постои опасност од и нарушување на целиот биодиверзитет. Рудникот на смртта во Иловица ќе биде напад врз струмичката котлина и врз самите нас, што досега во нашата историја се нема случено! Тоа ќе биде геноцид во невидени размери“, вели Костадин Ристоманов активист од здружението „Здрава котлина“ која ги иницираше референдумите во Босилово, а сега и во Ново Село.
Од компанијата „Еуромакс“, која има добиено концесија за експлоатација, а веќе десетина години работи на проектот за бакар и злато кај Иловица, тврдат дека рудникот се гради согласно сите европски нормативи за заштита на животната средина. Тие на социјалните мрежи деновиве постојано лиферуваа информации дека овој капацитет нема да го наруши биодиверзитетот ниту да му наштети на земјоделското производство во Струмичко.
За рудникот за злато Иловица на Огражден пред две недели се изјаснуваа жителите на општина Босилово, но референдумот пропадна оти на гласачките места излегоа едвај 32 отсто од запишаните гласачи со право на глас и не беше исполнет законскиот цензус од 50 отсто плус еден. Иницијаторите веруваат дека сликата во Ново Село ќе биде поинаква, бидејќи речиси сите жители се против изградба на рудници.
Утрешниот референдум во Ново Село е последен во Југоистокот, каде беа издадени околу 80 концесии за детални геолошки истражувања и концесии за експлотација. Откако разбраа, еколошките и граѓанските организации го кренаа гласот против нивна изградба и отварање. Во Гевгелија, Богданци и Дојран референдумите беа успешни и жителите кажаа не за рудници, додека во Валандово и Босилово пропаднаа поради недоволна излезност.
В. ТРАЈКОВ