Новогодишната елка поставена на плоштадот во Тетово денеска беше накитена со пластични кеси и со кутии со ѓубре.
На овој начин, тетовци го изразија својот револт од големата нечистотија во градот. Наместо лампиони, на елката беа поставени заштитни маски, фотографии од ѓубрето низ градот и натписи со кои се предупредува на штетноста од употребата на пластика и на долгогодишниот процес на нејзино распаѓање.
„Тетово град на ѓубрето“, „На пластиката ѝ се потребни 250-1000 години за да се распадне“, „Нема да имаме општество ако ја труеме средината“ и други слични пароли беа закачени на елката. Покрај неа, место новогодишни пакетчиња, беа оставени картонски кутии и кеси со ѓубре. Тие набргу беа отстранети, а останаа само паролите закачени на елката.
Многу тетовци ја оправдуваат оваа еко акција и го поддржуваат барањето градот почесто да се чисти од сметот, а на некои не им пречеше да се фотографираат покрај ваквата уникатна елка.
З. АНДОНОВ