Министерството за здравство издвои средства и набави одредена количина од најнова иновативна терапија за пациентите со хепатит Ц, соопштија од Хепар центарот од Битола на денешната прес-конференција по повод Светскиот ден на борба против хепатитот.
„И покрај кризата со ковид-19, Министерството за здравство успеа да набави нова, иновативна терапија, со што ја отвори декадата за елиминација на хепатитисот во нашата земја. Терапијата за хроничен хепатитис Ц е произведена пред само две години и е мултигенотипска, односно овозможува сите генотипови со хепатит Ц да имаат излечивост повеќе од 95 проценти. Оваа терапија треба да биде достапна и бесплатна за сите пациенти“, изјави Милан Мишковиќ од Хепар центарот од Битола.
Терапијата пристигна изминатава недела во нашата земја. Во Македонија, еден процент од населението е инфициран со хроничен хепатитис Б или Ц. Во Центарот за јавно здравје во Битола годинава се регистрирани само два пациента со акутен неопределен хепатит и со хепатит Б. Најновите светски истражувања покажуваат дека кај пациентите со црнодробните заболувања е речиси двојно зголемен морталитетот доколку заболат и од ковид-19.
„Хепар центарот ни донира брзи тестови за детекција на хепатитис и тие ќе бидат дистрибуирани во Центарот за превенција и третман на зависности при Психијатриското одделение во Битола“, рече Билјана Гагачовска, директорката на Клиничката болница во Битола.
Хепар центарот се залага и за промени во позитивната листа, за што, како што беше кажано, веќе добиле ветување од министерот за здравство дека по конституирањето на новата влада, ќе се разгледа прашањето на терапијата за пациентите со хроничен хепатитис Б и Ц.
Ж. ЗДРАВКОВСКА