ОБЈАВЕН ТЕНДЕРОТ ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА АВТОБУСИТЕ НА ГАС, ПРВИТЕ ЌЕ СТАСААТ ЗИМАВА, ВЕЛАТ ОД ЈСП „СКОПЈЕ“

    ОБЈАВЕН ТЕНДЕРОТ ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА АВТОБУСИТЕ НА ГАС, ПРВИТЕ ЌЕ СТАСААТ ЗИМАВА, ВЕЛАТ ОД ЈСП „СКОПЈЕ“Директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, министерот за финансии Драган Тевдовски и претставничката на ЕБОР Лин Огрејди, на 28 јануари го потпишаа договорот за кредитно задолжување во висина од 10 милиони евра. (Фото: К. Попов)

    Објавен е тендерот за набавка на нови автобуси на гас за ЈСП „Скопје“. Рокот за доставување на техничките понуди на фирмите е 3.5 месеци. Според условите доколку биде успешен тендерот, се очекува договорот да биде склучен во јули и да трае 9 месеци. Од ЈСП „Скопје“ велат дека првите еколошки автобуси ќе стигнат кон крајот на оваа година, а сите догодина во пролет.

    Како што објаснуваат од ЈСП „Скопје“ постапката ќе се одвива во согласност со правилата и процедурите на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со чиј кредит од 10 милиони евра ќе ја реализира набавката. Очекуваат првите еколошки автобуси да стигнат кон крајот на оваа година.

    „Со набавката на новите автобуси ќе се овозможи побрз и пофункционален јавен превоз, а значително, со новите возила, ќе се придонесе и за подобрување на квалитетот на воздухот. На улиците ќе се вратат зглобните автобуси, кои имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните, овозможуваат побрз проток на патниците низ возилото што влијае на скратување на времето потребно за задржување на постојките, што ќе овозможи и зголемување на фреквенцијата на возилата. Во новите автобуси, ќе има можност и за валидација на најмалку две места во возилото. Сето ова, автоматски на граѓаните ќе им овозможи побрзо да стасуваат до крајните дестинации, отколку сега возејќи се со кинеските автобуси“, вели директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков.

    Од претпријатието велат дека бројката колку автобуси ќе бидат набавени зависи од понудите на тендерот. Градоначалникот Петре Шилегов на прес-конференции неколку пати кажа дека според нивните проценки и цената на пазарот ќе бидат купени 35 автобуси од кои повеќето ќе бидат зглобни.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира