ОБВИНЕТИТЕ ЗА ПОЖАРОТ НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ ТВРДАТ ДЕКА РАБОТЕЛЕ СОГЛАСНО ПРОПИСИТЕ И НЕ СЕ ВИНОВНИ ЗА ОГНОТ КОЈА ЈА ПЕПЛОСА ШУМАТА

    ОБВИНЕТИТЕ ЗА ПОЖАРОТ НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ ТВРДАТ ДЕКА РАБОТЕЛЕ СОГЛАСНО ПРОПИСИТЕ И НЕ СЕ ВИНОВНИ ЗА ОГНОТ КОЈА ЈА ПЕПЛОСА ШУМАТАМестото каде започна пожарот на 26 август 2019. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетите за пожарот на Езерото Младост на 26 август 2019, на главната расправа дадоа изјави во предметниот процес во Основен суд Велес. Тасе Илиевски, Марјан Ангелов и претставникот на обвинетото друштво изведувач на градежните работи „Реал градба“, претходно веќе се изјаснија за невини.

    Обвинетиот Илиевски кажа дека Ангелов, ракувачот на брусилицата, според обвинението, апарат од кој по искрењето започнал пожарот, бил обучен да работи со него.

    „Целата површина каде работевме на почетокот беше тампонирана, немаше трева. Критичниот ден имаше летни температури, карактеристични за тој период од годината, немаше забрана за работа од Министерството за труд и социјала. На вработените кои работеа на објектот им кажав, ги предупредив за опасноста од пожарите. Со брусилицата работеше Марјан оти тој имаше искуство. За пожарот телeфонски ме извести Лазе мајсторот, јас повикав пожарна“, рече Илиевски.

    На прашање од обвинителката Анастасија Миланова за мерките за заштита при работа кои биле преземени, Илиевски одговори дека за тоа се консултирал со стручно лице и ги применувал.

    Обвинетиот Марјан Ангелов, кој критичниот момент работел со брусилицата, објасни дека тој со овој апарат работел 15-20 години.

    „Се подготвуваше арматура за горен слој на плоча, која претходно беше направена во складот. Немаше долни потпирачи, па побараа од мене да исечам десетина. Тоа лесно се сече и не искри могу. За овие години работа, знам дека не искрело далеку 7-8 метри, туку до метар и пол. На земјата немаше трева, беше тампонирано. Кога се појави огнот, почнавме да гаснеме. На локацијата имаше цистерна со вода, гасевме и со лопати и со песок, не беше голем пожарот“, кажа Ангелов.

    На прашање од бранителот дали го гаснеле огнот во блиската шума, рече дека имало жичена ограда која требало да се пресече, а при гаснењето добиле опекотини и гребнатини.

    Законскиот застапник на фирмата „Реал градба“ објасни дека на тоа работно место дoшла после пожарот, била од јануари 2020, но според документацијата која ја проучила, правното лице постапувало согласно законските прописи при изведбата на градежните работи.

    Со ова, заврши сослушувањето на сведоците на одбраната. Обвинителката Миланова побара да се сослуша нов сведок на обвинителството. На ова реагираше бранителот на Илиевски, адвокат Валентин Зафиров.

    „Со ова се одолговлекува постапката и води кон застарување. Стигнавме до завршни зборови, сега се враќаме назад“, реагираше Зафиров.

    Главната расправа за овој судски прoцес започна на 14 јули 2020, предметот го работеше до јануари лани судијката Габриела Гајдова, додека не стана судијка во Апелација. Од февруари започна да го работи судијата Бојан Донев.

    Обвинетите за пожарот кој на 26 август 2019 ја зафати околината на велешкото Езеро Младост, Тасе Илиевски, Марјaн Ангелов и фирмата „Реал градба“, изведувач на градежните работи на плацот, не се чувствуваат за виновни. Тие се обвинети за Тешки дела против општата сигурност и дека делото предизвикување општа опасност, го сториле со умисла.

    Обвинителството ги товари дека при работите не презеле доволно мерки согласно правилникот за работа, па од искри исфрлени од апарат за брусење пламнал пожар кој ја зафатил околината на езерото. Од искрите се запалила околната тревна површина, а пожарот потоа неконтролирано се проширил и добил големи размери, при што била опожарена и поголема шумска површина.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира