На денешното судење за убиството на 29-годишната Емилија Пешева, јавната обвинителка Билјана Тошева-Анакиева побара доживотен затвор за обвинетиот Фадил Зејнелов (34), кој на 1 ноември во напуштен објект во Штип ја убил Пешева, со која подолго време бил во врска.
Според обвинителниот акт, Зејнелов првo со тупаница во лицето ја удрил Пешева, која паднала, а потоа со двете раце ја давел, сѐ додека таа не престанала да дава знаци на живот. По убиството, тој сам отишол во полиција и кажал што се случило.
Зејнелов и пред судот ја призна вината и кажа дека во тој момент бил целосно свесен и за делото што го прави и за последиците што го очекуваат и додаде дека ќе прифати секаква казна од судот.
Поради тоа што обвинетиот не изразил каење и не изразил сочувство на семејството на Емилија, кое беше во судницата, обвинителката побара максимална казна поради начинот на кој било извршено убиството. Таа побара од судот да не го зема предвид признанието како олеснителна околност, посебно зашто Зејнелов веќе лежел затвор во вкупно траење од 10 години за неколку други кривични дела.
Судскиот процес го водеше поранешниот член и претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев, кој најави соопштување на пресудата на 12 февруари.
Т. ЈОВАНОВСКИ