ОБВИНИТЕЛСТВОТО СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД КРИВИЧНО ГОНЕЊЕ НА ОБВИНЕТИОТ РАЗРЕШЕН СУДИЈА ЛАЗАР НАНЕВ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД КРИВИЧНО ГОНЕЊЕ НА ОБВИНЕТИОТ РАЗРЕШЕН СУДИЈА ЛАЗАР НАНЕВРазрешениот судија Лазар Нанев беше обвинет за кривичното дело Злоупотреба на службена должност. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Велес го повлекло обвинителниот предлог за кривично гонење на Лазар Нанев, поранешен судија и претседател на Основниот суд Кавадарци. Тој беше обвинет за кривичното дело Злоупотреба на службена должност. Пред почетокот на денешната главна расправа во Основниот суд Велес, судијата Ангел Трипчев го прочита писмениот поднесок од ОЈО Велес за повлекување и по него, во рок од три дена ќе изготви решение.

    Беше доведен и сведокот, кој отслужува казна затвор во Гевгелија, а не беа присутни обвинетиот Нанев и неговиот бранител адвокат Владимир Туфегџиќ. Тој на претходната јавна расправа закажана за 21 јануари ја посоветува обвинителката да го преиспита обвинението во интерес на странките, а заради економичност на постапката, бидејќи „има извесен крај според понудените докази“. Таа јавна расправа тогаш не се одржа поради снежното невреме, сведокот од затворот Гевгелија не беше донесен.

    Претходно, на поставеното прашање за истрагата во ОЈО Гевгелија против Нанев, одговорот беше дека истрагата е отфрлена.

    „Во конкретниот предмет ОЈО Гевгелија по целосно спроведена постапка донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава, кое е потврдено и правосилно“,  кажаа од Јавното обвинителство.

    Судскиот совет го разреши Нанев од функцијата судија на 16 октомври 2024 , по две поднесени дисциплински постапки, за 97-те јавувања во неколку дена со странка (обвинет), во предмет што го судел лично тој. За притисоци и недолично однесување него го пријавила и обвинителка од Кавадарци. Кривичната пријава по која се постапуваше во ОЈО Велес е по подонесена кривична пријава од Судски совет за предмет за кој Нанев е разрешен.

    По разрешувањето Нанев стана инспектор во Полициската станица Кавадарци.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира