Башино Село, синоним за најголемо производство на млад кромид во земјава, оваа пролет е далеку од интересот на откупувачите. Сè помалку градинари го одгледуваат овој ран зеленчук, поради што ги нема ниту камионите кои некогаш го разнесуваа овој производ по пазарите низ поранешна Југославија. Тогаш успеваа да снабдат пазар од десетици милиони купувачи, а сега бројките се далеку од тоа.
„Во селото, од 200 семејства производители, останавме едвај 20 кои одгледуваме млад кромид. Во екот на сезоната, во пролет, по 15 шлепери заминуваа за Хрватска. Од година во година производството опаѓаше, а сега е на минимум. Нема млади кои би работеле, дел заминаа во странство. Потоа, земјоделството и градинарството станаа неисплатливи. На пазар ќе однесеш 100 кила, а 90 ќе вратиш назад — нема кому да ги продадеш“, вели Жарко Далевски, одгледувач кој со оваа дејност се занимава веќе четири децении.
Тој е задоволен од тоа како поминале оваа година, иако сезоната за младиот кромид веќе завршува. Кромидот од пластеници се продавал по 500 денари за сноп (кој содржи 50 врзопи), додека на отворено цената паднала на 400 денари за сноп.
„Со оваа цена бевме задоволни; на големо еден врзоп се движеше по 10 денари, па падна на 8 денари. На мало, на пазарите се продаваше од 25 до 30 денари, а сега е меѓу 10 и 15 денари. Младите од селото работеа по бавчите до пред десетина години. Сега само 3-4 млади луѓе го одгледуваат кромидот. Другите работат по фирми, и мажот и жената, па по работа не им се оди во бавча или под фолија. Така прекина традицијата“, вели Далевски.
Ако до пред десетина години секоја пролет Башино Село мирисаше на млад кромид, сега тој мирис го нема. Ги нема ниту откупувачите среде село, кај селската чешма.
П. ПЕЧКОВ



