Преку проект за прекугранична соработка на нашата земја и Грција се врши скрининг на деца од Општина Битола за откривање на респираторни и кардиоваскуларни болести, со цел навремена здравствена заштита и советување и обука на родителите и наставниците.
„Со досегашното скенирање беа опфатени околу 600 деца. Мапирањето сѐ уште трае, но здравствен проблем беше забележан кај 10 проценти од нив. Дел од тие 600 деца со кардионаоди веќе се оперирани, а другите се мапирани за натамошно лекување во Клиничката болница во Битола“, рече Милчо Дули, претседател на „Сфера интернешнал“.
Сите деца кај кои е утврден потенцијален ризик од развој на вакви болести добија смарт часовници за следење на нивната здравствена состојба, а податоците преку софтвер завршуваат во болницата во Битола. Обезбедено е најсовремено опремено амбулантно возило за превоз на малите пациенти, инвестиција од 50.000 евра, кое по завршувањето на проектот ќе ѝ биде подарено на Клиничката болница.
„Децата кај кои се пронајдени одредени аномалии ќе бидат понатаму следени во Клиничката болница од тим на педијатри и доколку има потреба, ќе се преземаат соодветни дејствија. Инциденцата не е голема, бидејќи многу често и пренатално се следат тие деформитети и аномалии, но проектот е од огромно значење“, рече Билјана Гагачовска, директорка на болницата во Битола.
Партнери на проектот „We care“ (Ние се грижиме) се Високата медицинска школа и „Сфера интернешнал“ од македонска страна и три организации од грчката. Македонската страна доби 250.000 евра од Интерег ИПА програмата, а со 32.000 евра учествуваше Министерството за локална самоуправа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА