ОД БЕЗИСТЕНОТ ВО ШТИП УКРАДЕНИ 33 ОЛОВНИ ПЛОЧИ ЗА ЕДНА НЕДЕЛА

    ОД БЕЗИСТЕНОТ ВО ШТИП УКРАДЕНИ 33 ОЛОВНИ ПЛОЧИ ЗА ЕДНА НЕДЕЛАПрвата кражба била извршена на 30 декември, а последната синоќа меѓу 4 и 5 јануари, штетата е 10.000 евра. (Фото: СДК.МК)

    За една недела во 6 кражби се украдени 33 оловни плочи  од уметничката галерија Безистен, во центарот на Штип, потврди СВР Штип. Портпаролката Гордана Панајотова вели дека за седум дена од Заводот за заштита на спомениците од културата и Музеј во Штип имале повеќе пријави.

    Првата кражба била извршена на 30 декември, а последната синоќа меѓу 4 и 5 јануари. Завчера ноќта, на самото место било фатено 26-годишното лице С. Н. од Штип како качено на скалило вади оловни плочи. Но, кражба имало и минатата ноќ, што значи дека не е само еден сторител.

    Од Заводот за заштита на спомениците велат дека во изминатите седум дена имало кражби секоја ноќ, освен на дочекот на Нова година кога имало фрекфенција на минувачи, па крадците ја прескокнале таа ноќ, но се намериле наредните 4 ноќи.

    „Оловните плочи биле како кровна заштита на објектот. Од првото ниво крадците однеле 33 такви плочи кои се со димензии метар на метар, а тешки од 40-50 килограми. Ако се смета дека 1 килограм олово чини 6 евра, тоа значи дека вкупната штета изнесува речиси 10.000 евра. Пријавувавме секој ден, но не сме известени дека оловните плочи се пронајдени“, вели директорот на Заводот и Музеј во Штип Митко Штерјов.

    Тој веќе презема мерки да се постават камери на објектот, да се зголеми осветленоста, а од Општината бара да се подобри уличното осветлување до објектот. Досега Безистенот немал чуварска заштита затоа што локацијата е во самиот центар на градот, но директорот вели дека сега иако немаат финаниски можности се принудени да воведат и ноќна чуварска служба.

    Штипскиот Безистен датира од периодот меѓу 16 и 17 век и во тоа време бил главна чаршија претежно за платна, а сега е галерија за изложби и други настани од културата.

    На 28 декември беа искршени и однесени дел од оловните плочи и на кровот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс Матејче, во Општина Липково.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира