ОД ДЕКЕМВРИ СИТЕ УЧЕНИЦИ СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР ЌЕ ДОБИЈАТ ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ

    ОД ДЕКЕМВРИ СИТЕ УЧЕНИЦИ СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР ЌЕ ДОБИЈАТ ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИОбразовните асистенти ќе се вработат во декември, а платата ќе им се подели во јануари односно со средства од буџетот за наредната година.(Фото: СДК.МК)

    Од декември во основните училишта во скопската општина Центар ќе бидат ангажирани образовни асистенти за сите деца со посебни потреби. Кога почна учебната година асистенти добија само седум ученици од вкупно 15 пријавени дека имаат потреба од образовни асистенти за следење на наставата. Тогаш градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановќ рече дека нема пари за сите деца оти УНДП ги намалиле средствата за оваа година, а тие во буџетот немале предвидено пари за оваа намена.

    На вчерашната седница на Советот на Општина Центар на дневен ред беше точка за ребаланс на буџетот за 2019 година, со кој парите од програмите кои не се искористиле се пренаменија за екологија и зеленило. Претседателката на Советот Јана Белчева побара во оваа одлука како амандман да се вметне, 500.000 денари од парите кои Општината ги дава на КК „Работнички“ да се пренаменат за образовни асистенти за сите деца.

    Градоначалникот Саша Богдановиќ рече дека нема потреба од пренамена на пари од буџетот за „Работнички“ оти образовните асистенти ќе се вработат во декември, а платата ќе им се подели во јануари односно со средства од буџетот за наредната година.

    „Нема потреба да ги затвораме тие пари. Во буџетот за 2020 година ќе има пари за сите деца за образование, а реално првата исплата би била во јануари. Вработувањето ќе се случи од декември бидејќи овој месец треба да објавиме оглас за образовни асистенти и да ја завршиме таа постапка. Ќе аплицираме во Министерството за труд и социјална политика преку нивни проекти да добиеме пари, а ако има некој проблем тогаш средствата ќе се предвидат во буџетот. Овие три месеци децата останаа без асистенти бидејќи не бевме на време известени од УНДП дека ќе ги намалат парите со кои досега се реализираше овој проект“, вели Богдановиќ.

    Со новиот Закон за основно образование, кој беше донесен летово, инклузијата на децата со попреченост во редовните училишта почна од оваа учебна година. Пред донесувањето на Законот, Народниот правобранител реагираше дека образованието не е подготвено за инклузија и дека тоа ќе биде правно регулирано, но дека во праксата тешко ќе се одвива. Така и е.

    САКАМДАКАЖАМ.МК во септември објави дека повеќето општини во земјава не предвиделе доволно пари во своите буџети за образовни асистенти за децата со попреченост, за нивна инклузија во основните и средните училишта од оваа учебна година. Бројот на образовни асистенти кои оваа учебна година ќе им помагаат на децата со попреченост е зголемен, но нивниот ангажман главно е финансиран преку проект на УНДП.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира