Од денеска граѓаните може да аплицираат за субвенции за велосипеди. Јавниот повик важи за купен велосипед од вчера до 30 јуни а на граѓаните ќе им бидат вратени 50 отсто од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 3.000 денари.
За оваа намена од буџетот на Град Скопје се одвоени 10 милиони денари што значи дека субвенционирани ќе бидат околу 3.300 граѓани.
„Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот ’прв дојден, прв услужен‘. Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за купување на еден велосипед“, велат од Град Скопје.
Барателот треба да е жител на Град, досега да нема добиено субвенции за набавка на велосипед од Град Скопје и велосипедот да го купи од денот на објавување до денот на завршување на повикот.
Субвенционирањето на граѓаните за набавка на велосипеди е една од мерките на Град Скопје за промоција на велосипедот како рекреативно и превозно средство, чие користење има многу придобивки: истото е финансиски достапно, економски исплатливо и еколошко превозно средство, придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух.
А. АНТЕВСКА