ОД ДРЖАВА БОГАТА СО ВОДНИ РЕСУРСИ, СО НЕГРИЖА ЌЕ ОСТАНЕМЕ САМО НА ТЕХНИЧКА ВОДА, РЕЧЕ ЕКО-АКТИВИСТОТ СТЕВЧЕ ДЕЧЕВ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА РЕКИТЕ

    ОД ДРЖАВА БОГАТА СО ВОДНИ РЕСУРСИ, СО НЕГРИЖА ЌЕ ОСТАНЕМЕ САМО НА ТЕХНИЧКА ВОДА, РЕЧЕ ЕКО-АКТИВИСТОТ СТЕВЧЕ ДЕЧЕВ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА РЕКИТЕНадлежните институции затајуваат во заштитата на реките, граѓаните со ниска свест, па фрлаат смет крај брегот, во реката се влеваат отпадни води од канализација, вели Дечев; - Вардар кај Велес. (Фото: СДК.МК)

    Очекуваме дека странските амбасадори треба да дојдат да ни ги исчистат реките, наместо ние самите да се погрижиме за сето тоа. Се однесуваме како да сме гости во сопствената држава. Или некој друг да се грижи за нашите реки, што е многу погрешно, рече еко-активистот Стевче Дечев од фондацијата „Импакт“ од Велес по повод на 14 Март, Меѓународниот ден на реките.

    Велес минатото лето доживеа водена еколошка хаварија каква што не се помни. Сите три реки, Вардар која минува низ градот, и Бабуна и Тополка, кои се во близина на Велес и се излетнички места, беа забаранети за капење, поење на стока и полевање на градинарски култури оти беа загадени.

    „Држава која има богати водни ресурси, природни извори на вода, може да стигнеме да имаме само техничка вода, поради негрижата за водените ресурси, за реките, езерата. Тоа што ни е дадено да го имаме како воден ресурс е далеку од одговорна и одржлива грижа. Извештаите кои се пласираат се маскираат со погрешни или неточни податоци, или се кријат дека имаме алармантно загадување на водите. Имаме води кои се надвор од степен на загаденост“, вели Дечев.

    Надлежните институции затајуваат во заштитата на реките, граѓаните  се со ниска свест, па фрлаат смет крај брегот, во реката се влеваат отпадни води од канализација.

    „Извештаите потврдуваат дека најголемото загадување е од граѓаните, па потоа индустријата. Кога таА загадува тоа е тешко загадување, реките добиваат бои на виножито, ги има сите бои, само не тие на река. Колку пати сме виделе дека имаа црвена, жолта, сина боја. Има случаи кога на загадувачот му се исплати да ја плати казната и следен пат да загади повторно. Кроиме планови како да ги заштитиме реките. Треба да се променат законите, треба да се одземат дозволи за работа, концесии и воведат високи казни“, вели Дечев.

    Тој за квалитетот на водите се повикува на учесниците на Вардарската регата, која лани за првпат стигна до Солун и на изјави на риболовците, кои илустративно зборуваат за тоа каква е водата во реката Вардар.

    „Вардар и Аксиос, тоа се две различни реки. Вардар во Македонија е умрена река, а Аксиос во Грција е жива. Законските регулативи се построги во Грција, таму реката е заштитена. И комуналната инфраструктура е подобра, не видовме ниедна канализациска цевка во реката. Вардар веќе не мириса на река во Македонија. Во Грција, повторно го препознавме мирисот на река. Таму не видовме ѓубре. Не видовме ни сепарации“, вели Ангелче Гушев, организатор на Вардарската регата.

    Користењето на песокот, сепарациите од реката го менува текот на Вардар. Владо Стојановски е учесник на сите 24 регати од Велес до Гевелија а лани до Солун. Иако по вокација е дипломиран металург, тој во душа е еколог и голем вљубеник во Вардар. Затоа, апелира да се почитува редот во природата.

    „Првите 15 години кога пловев коритото беше исто, природно, не се менуваше. Сега, за жал, не е така последните 15 години. Поради големите сепарации по течението на Вардар, реката на некои места е широка како Дунав. Не тече, водата стои на место и таму тешко се плови. Тие што ги имаат сепарациите треба да го вратат коритото во првобитната положба, а не да биде бескрајно широк. Премногу се уништува природата заради материјални добра“, рече Стојановски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира