На 8 август 2001, во екот на воениот конфликт во земјава, од заседа на терористичка група на УЧК беше нападната со огнено оружје и ракетни фрлачи колона возила со припадници на бранителите која се движеше кон Тетово. Во нападот беше погоден и автобусот во кој беа поголемиот дел од бранителите. Тогаш беа убиени 10 припадници од резервниот состав на АРМ.
На местото на погибијата во месноста Карпалак на патот Тетово-Скопје во 2003 беше поставена спомен-плоча со имињата на загинатите бранители Сашо Китаноски, Марко Деспотоски, Нане Наумоски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Горан Миноски, Пеце Секулоски, Веби Рушидоски и Ердован Шабаноски.
„Еве сме по дваесет и втори пат на местото каде се случи една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија. Како и во 2003, кога првпат дојдовме овде да им оддадеме почит на нашите загинати сограѓани и соборци, така и сега по 22 години, го најдовме истото место е без никакво достојно одбележје. Ние секоја година го повторуваме истото барање и наидуваме на еден куп ветувања дека ќе има споменик, ваков ќе биде, таков ќе биде, а поминаа 22 години без никакво спомен обележје, и што е многу потрагично, од година на година чествувањето на овој настан е сѐ помизерно. Жално е денеска тука на Карпалак да не присуствува врховниот командант, премиерот, претседателот на Собрание, туку праќаат лица од третиот ешалон да положат цвеќе. Велат ќе дојделе во Прилеп, но нема потреба во Прилеп, овде е местото каде што треба да се чествува, овде е местото на самото случување“, револтирано вели Јордан Трајковски од Здружението на резервните воени обврзници од Прилеп.
Но, не само што нема достоинствено спомен обележје на ова место, бранителите се и крајно незадоволни од односот на државата кон нив.
„За жал, многупати сум рекол дека нас и нашата држава нѐ водат глуви. Од нашите барања, кои постојано ги повторуваме, досега ниту едно барање не ни е исполнето. Барем здравственото осигурување да ни беше признаено да можеме да се лечиме бесплатно. Доцна е веќе да бараме школство, нашите деца пораснаа, сега треба да почнеме да бараме старски домови, бесплатно да нѐ згрижуват зашто веќе остаревме. Премногу сме разочарани од односот на сите Влади. Ниту една не се заинтересира за правата на бранителите. Знаете како прават, наводно едните даваат, другите се против, едните поднесуваат Закон за бранители, другите се против и обратно. Ако сакаше некој да направи спомен-обележје и ќе го направеше. Односот на државата кон бранителите е никаков“, вели Трајковски.
Денеска на спомен-плочата, поставена на банкината на автопатот Тетово-Скопје, венци и цвеќе положија претставници на претседателката на државата, на Владата, Армијата, здруженија и политички партии како и роднини на загинатите бранители, а свештеници од Тетовско- гостиварската епархија отслужија панихида.
З. АНДОНОВ