Еден од вработените административци во фабриката „Гентерм“ во Прилеп е позитивен на коронавирус, а од понеделник фабриката привремено ќе се затвори, соопштија од Општина Прилеп. Од Општината соопштија и дека еден од лекарите на Инфективното одделение при Прилепската болница е заразен, а друг лекар е во самоизолација.
Од понеделник, Инфективното одделение ќе функционира согласно Оперативниот план за работа во услови на пандемија и ќе се утврди дали е потребен дополнителен ангажман на медицински персонал од други одделенија.
„Досега од коронавирус се инфицирани три лица од здравствените институции во градот, вклучувајќи го и лекарот од Психијатриската болница во Демир Хисар”, се вели во соопштението.
На инфективното одделение при прилепската општа болница „Борка Талески“ се три лица заразени од коронавирс и сите се со среднотешка клиничка слика.
До вчера во Прилеп имаше 22 заразени од КОВИД-19.
Ж. ЗДРАВКОВСКА