Учениците од Државното музичко училиште во соработка со Американското катче успеаја на денешниот Саем на креативци во Битола од овошје и цвеќиња да создадат музика.
„Со помош на нашата компјутерска програма успеавме бананите да ги поврземе со алуминиумска фолија и така тие да станат спроводници и направивме да пуштаат звуци на тонови како да се пијано. Слично направивме и со водата и цвеќињата, па при допир овошјата или цветовите испуштаат тон и може да се исвири како на пијано лесна мелодија. Портокалите направивме кога ќе ги допрете да звучат како тапани “, рече Елеонира Додовска, вклучена во проектот.
Меѓу посетителите на саемот беше и градоначалничката на Битола Наташа Петровска, која допирајќи ги цветовите успеа да исвири дел од песната „Билјана платно белеше“.
На Саемот имаше 25 креативци од цела земја кои имаа практични демонстрации и работилници за 3D принтери, роботика, компјутерско програмирање и занаетчиска работа. Дел од нив преку изработките се обидоа да го прошират концептот за нула толеранција кон отпадот.
„Правам свеќници од одбрана хартија со цел да бидеме пријателски настроени кон животната средина. Најдов начин креативен да се искористи отпадот од хартија. Се прави глина преку која се оформуваат свеќниците и лепило што е природно. На овој начин јас ги промовирам концпетот нула отпад“, рече Наташа Чавдаровска од „Хаф мун крафтс“.
На саемот имаше над илјада посетители, некои од нив изјавија дека вакви иновации имале можност да видат само на телевизија или на Јутјуб. Ова беше првиот Саем на креативци на Балканот, а го организираа Амбасадата на САД во Mакедонија, во партнерство со Aмериканските катчиња во Македонија и Општина Битола. Штандовите ги посети и американскиот амбасадор Џес Бејли.
„Ова е отворен настан за сите креативци, место каде што може да се види забава и иновации. Амбасадата често организира вакви настани од отворен карактер со цел да ги мотивира младите луѓе да бидат покреативни, да користат технологија, да бидат мотивирани од разни иновации“, рече портпаролката на Американската амбасада во Македонија, Лора Браун.
Ж. ЗДРАВКОВСКА