ОД ПЛАНИНАРСКИОТ ДОМ „НЕОЛИЦА“ НА БАБА ПЛАНИНА УКРАДЕНИ ТЕЛЕВИЗОР, МОТОРНА ПИЛА И АГРЕГАТ

    ОД ПЛАНИНАРСКИОТ ДОМ „НЕОЛИЦА“ НА БАБА ПЛАНИНА УКРАДЕНИ ТЕЛЕВИЗОР, МОТОРНА ПИЛА И АГРЕГАТПолицијата трагат по крадците кои го скршиле катанецот од влезната врата и украле телевизор, агрегат, моторни пили, други премети и нешто пари. (Фото: СДК.МК)

    Крадци на 11 oктомври провалиле во планинарскиот дом „Неолица“ на Баба Планина и украле предмети кои се користеле од посетителите и за одржување на домот. Од СВР Битола соопштија дека крадците го скршиле катанецот од влезната врата и украле телевизор, агрегат, моторни пили, други премети и нешто пари. Полициска екипа направила увод на местото и се трага по крадците.

    Веста за кражбата ги изреволтира битолчани, кои коментираат дека фалеше уште крадци да навалат на планинарските домови по несреќите што се случија во изминатите години кога изгореа двата планинарски дома „Копанки“ и „Ловечка“ на Пелистер.
    Планинарскиот дом „Неолица“, на 1.440 метри надморска височина, е посетен во текот на цела година од голем број планинари и други рекреативци. И на снег, дожд, ветер, на високи и ниски температури, домарите Томе Лозановски (76) и Славе Петрески (74) секој викенд и празник 15 години го отвораат планинарскиот дом „Неолица“. Тие со години се грижат и го одржуваат домот.

    Обезбедија средства и ги променија терасата и покривот, го поправија водоснабдувањето и активно учествуваа во градежните работи врз објектот. Преку зима во шест часот, а на лето и порано, од рани мугри тргнуваат за да ги отворат вратите на домот.

    Другите планинари знаејќи дека двајцата се ранобудници, веќе се навикнаа околу 8 часот да доаѓаат на топол чај во „Неолица“.
    Искачувањето од битолското село Лавци до домот трае од час до час и пол, во зависност од кондицијата. Домот е изграден од Планинарското друштво „Ѓорги Наумов“ од Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира