ЌЕ СЕ ЛОВАТ ОХРИДСКИТЕ КОМАРЦИ ЗА ДА СЕ ИСПИТА КОЛКУ СЕ ОПАСНИ

    ЌЕ СЕ ЛОВАТ ОХРИДСКИТЕ КОМАРЦИ ЗА ДА СЕ ИСПИТА КОЛКУ СЕ ОПАСНИОд Центарот за јавно здравје Охрид велат дека акцијата ја прават бидејќи годинава има големи количини застојана вода особено во делот кај Билјанини извори и во делот кај блатата, крајбрежјето со трски, кои се потенцијална опасност за развој на комарци (Фото: СДК.МК)

    Мамки за ловење комарци ќе се ставаат во Охрид, за да се испита кој вид комарци се во ова подрачје и како најефикасно да се прави дезинсекција за нивно уништување. Ова испитување ќе го прави Центарот за јавно здравје од Охрид во соработка со Центарот за јавно здравје од Скопје.

    Сашо Точко, директор на Центар за јавно здравје Охрид, вели дека ова го прават за полесно да се справат со овие инсекти, за да се види од кој тип се, дали се инвазивни, дали се преносители на заразни болести.

    „Оваа анализа треба да нѝ покаже кој е најефикасниот начин за третман на комарците како за оваа година, така и за следната. Тоа е дел од акциониот план за ставање под контрола на вектор преносливите заболувања на територијата на општините Охрид и Дебрца. Годинава веќе направивме ларвицидна дезинсекција во април и во мај на водените површини во месноста Далјан, на потегот од Андон Дуков до Подмолје, Студеничко блато и Белчишко блато“, вели Точко.

    Тој рече дека годинава има големи количини застојана вода особено во делот кај Билјанини извори и во делот кај блатата, крајбрежјето со трски, и дека тие се потенцијална опасност за развој на комарци.

    „Поради големите количини на застојана вода годинава порано направивме ларвицидна дезинсекција, а од 26 до 28 овој месец ќе прскаме и против комарци зависно од временските услови. Со дезинсекција од земја ќе се третираат Охридското крајбрежје на потегот од село Подмолје до комплексот Св. Наум, територијата на градот, потегот на река Грашница, Коселска река, река Сатеска, локалитети со застојани водени површини – Белчишко блато и урбаните населби во општина Дебрца. Планирани сè уште две дезинсекции кои ќе се спроведат во текот на јули и август. За уништување на комарците користиме средства кои се дозволени и регистрирани во Македонија“, рече Точко.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира