ОД УТРЕ ПОВТОРНО ЌЕ СЕ НАПЛАЌА ПАРКИНГ ВО КУМАНОВО

    ОД УТРЕ ПОВТОРНО ЌЕ СЕ НАПЛАЌА ПАРКИНГ ВО КУМАНОВОСогласно новите мерки, паркирањето ќе се наплаќа од 9 до 18 часот. (Фото: СДК.МК)

    Јавното претпријатие „Куманово паркинг“ од утре ќе продолжи со наплата на градскиот паркинг, откако денеска Советот на Општина Куманово на вонредна седница ја укина кризната мерка да не се плаќа за паркирањето во градот.

    „Согласно новите мерки, паркирањето ќе се наплаќа од 9 до 18 часот. Како што се намалува полицискиот час, така ние ќе го зголемуваме работното време“, изјави директорот на „Куманово паркинг“, Фадиљ Шабани.

    Претседателката на Советот Атина Мургашанска вели дека мерката за повторно ставање во функција на зонското паркирање е донесена врз основа на тоа што животот се враќа во нормалните текови.

    „Со скратување на полицискиот час и со се` подобрите извештаи за состојбата со коронавирусот и намалената бројка на заболени, се зголемува фрекфенцијата и движењето во Општината, а со тоа се создава и извесен метеж, кој неминовно налага повторно да се врати во функција зонското паркирање“, изјави Мургашанска.

    Мерката да се укине плаќањето на паркингот во Куманово беше донесена на 23 март, откако беше укинат јавниот градски превоз со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните да немаат ограничување во паркирањето и да немаат дополнително финансиско оптоварување.

    Во Куманово досега има 404 регистрирани болни од коронавирус, а 2 беа позитивни во последниве 24 часа.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира