ОД ВИНИЦА СО РЕДОВЕН АВТОБУС ДВА ПАТИ НЕДЕЛНО ИЛЈАДНИЦИ ЗАМИНАЛЕ ВО ИТАЛИЈАНСКИТЕ ЛОЗЈА НА РАБОТА

    ОД ВИНИЦА СО РЕДОВЕН АВТОБУС ДВА ПАТИ НЕДЕЛНО ИЛЈАДНИЦИ ЗАМИНАЛЕ ВО ИТАЛИЈАНСКИТЕ ЛОЗЈА НА РАБОТАСпоред последните неофицијални информации, повеќе илјади македонски граѓани летоска заминаа за Италија и соседните земји на сезонска работа - патниците се качуваат на автобусот кој тргнува од Виница минатата сабота попладне (Фото: СДК)

    Секоја среда и сабота, полни автобуси тргаат од Виница за Италија. Жителите од овој регион масовно се упатуваат на илјадници километри долг пат, бидејќи таму ја гледаат својата привремена перспектива. Автобусите патем собираат патници и во Кочани, Штип, Свети Николе, Велес и Куманово.

    Нивната крајна цел се овоштарници и лозја во северниот дел на Италија, каде што за еден месец работа може да се заработи незамисливо подобро отколку дома. Особено ако на пат тргаат повеќе члена од едно семејство. Работата е макотрпна, но, како што велат виничани со кои разговаравме, се исплаќа.

    Оваа сабота на автобуската станица во Виница, имаше значително помалку патници отколку во август и септември. Крај на сезоната е. Кон крајот на август и во септември кога бербата беше во полн ек, се бараше билет повеќе, дури мораше однапред да се купи, за да се осигура место во еден од автобусите.

    Неофицијалните примања за сезонска работа за еден месец берење јаболка или грозје, во Италија се околу 1.200-1.300 евра. Сместувањето е обезбедено, а храната е ваша. Ако сте стручни во калемење овошки, може да заработите и повеќе. Тоа ни го кажаа таканаречени водичи кои наводно посредуваат со земјопоседниците во северна Италија, иако кога контактиравме по телефон не ни дадоа никаква гаранција дека ќе најдеме работа.

    Агенцијата што го организира автобускиот превоз нема никаква врска со посредниците за работа. Таму велат дека само продаваат карти и нив не ги интересира кој и зошто оди за Италија. Автобуската линија од Виница до поголемите центри во регионите Венето, Трентино Алто Адиџе, Ломбардиjа и Пиемонте функционира цела година со прецизен возен ред и жителите од овие краишта често ја користат. Северните региони во Италија се светски познати вински региони.

    Од Виница се тргнува секоја среда и сабота, враќањето е во понеделник и петок. Билетот чини 70 евра во една насока, а повратниот 130 евра, со важност од една година.

    Автобуската станица во Виница, од кадешто автобусите тргнуваат двапати неделно кон Италија (Фото: СДК)

    Претприемачот со кого телефонски контактиравме да ни обезбеди работа во Италија ни рече дека многу е поедноставно ако имаме бугарски пасош. Рече дека по Нова година работа ќе можат да добијат и оние со македонски патни исправи. Но, преку социјалните мрежи пронајдовме и друг претприемач кој рече дека во последно време Италијанците повеќе ги сакаат берачите на грозје со македонски пасоши. На група од дваесетина луѓе од неколку семејства од Берово и Пехчево им било речено дека ако имаат два пасоша,  бугарски и македонски, поприфатливо им е да ги третираат како македонски граѓани, оти за нив не мора да плаќаат и социјална давачка што им следува на државјани на земји од ЕУ.

    Кога на претприемачот му рековме дека сме стручњаци за калемење овошки, ни рече дека ќе треба да му се јавиме некаде во рана пролет, но и дека италијанските газди особено ги почитуваат тие што знаат да калемат, па можат со македонски пасош да понудат 6,5 евра за час работа, плус рефундирање на автобускиот билет.

    Нема прецизна бројка колку македонски граѓани сезонски работат во Италија. Според последните неофицијални информации, станува збор за повеќе илјади македонски граѓани кои летоска заминале за Италија, главно за берба на јаболка и грозје, а во некои региони и за берба на портокали, лимони и маслинки.

    Италија е најпривлечна дестинација оти во споредба со другите земји од ЕУ за оваа сезонска работа се плаќа најмногу. Македонците изминатите години главно одеа да берат маслинки и праски во Грција. Но, поради ниските надници се преориентираа на берба на јаболка и грозје во Италија. Во Берово и Пехчево нема кој да ги собере сливите.

    „Во Италија работата е тешка, но се плаќа. Кој не знае каква е земјоделската работа, не може да сфати. Се заработува, но не е сѐ како што ви се ветува. Со нормата што ја воведуваат големопоседниците, испаѓа дека надницата е за 20-30 проценти помала. А, и со сместувањето не е сѐ како што треба. Различно е, па може да ви се погоди да спиете во групни бараки со лоши услови“, вели повратникот Драги Стоилов од Виница, што  важи за град со најмногу сезонски работници во странство.

    Македонците најмногу работат во развиените лозарски региони кон границите со Швајцарија и Австрија. Грозјето се бере и на југ кон регионот  околу Торино, а градот Алесандрија е неофицијален главен град на македонската градинарско-лозарска колонија. Јаболка се берат главно околу Трст и Венеција.

    Според неофицијални бројки, само во Пјаченца во близина на Парма, во регионот Емилија Ромања живеат околу 10.000 Македонци, главно од Струмица, па затоа и на шега струмичани Пјаченца си ја нарекуваат Струмиченца. Има и многу приказни за малото гратче Канели во близина на Џенова во регионот Пиемонте во кое од 10.000 жители, наводно околу 500 се Македонци. Местото го откриле жителите на Блатец близу Виница, и со годините тоа станало сврталиште на роднини и пријатели од регионот. Меѓу виничани се раскажува и анегдота дека во Канели дури и бројот пет – „чинкве“, не се изговара со италијански акцент „чѝнкве“, туку – „чинквѐ“, на винички дијалект.

    „Во овие градови ретко може да се видат нашите луѓе да шетаат. Речиси по цел ден се во овошните и лозовите насади, а по работата сите одат во бараките да одмораат. Главно, храната сами ја обезбедуваат, ретко некој газда да даде некој оброк. Ако дојдеш без претходно да се договорите со некој од македонските посредници, може да се случи веднаш да се вратиш назад. Токму посредниците ја намалуваат надницата, па никој не знае колку точно изнесува дневницата. Јас работам во дом за стари и имам повеќе слободно време. Но, не е така со мои роднини, кои се на берба во земјоделските региони на Италија“, вели Соња Стојанова од Берово, која веќе 20 години живее и работи во Италија.

    Освен од Виница, редовни линии двапати во неделата има и од Струмица. Автобуските превозници после четвртото возење, петтото го нудат гратис, а за фамилијарните билети, патниците добиваат екстра попуст.

    „Ние имаме редовни линии и ги носиме патниците до утврдените дестинации. Сѐ останато, нас не нѐ интересира. Само сакаме да им излеземе во пресрет, па затоа и многу често без проблеми примаме и пратки и во двете насоки“, велат превозниците.

    На врвот на сезоната, еден превозник неделно за Италија носел и по 100 патници, а месечно со двата најголеми превозници од овој дел на Македонија заминувале над 1.000 луѓе. Многу сезонски работници за Италија заминуваат и со автомобили.

    Бербата привршува. Нова масовна сезонска миграција се очекува во почетокот на новата година, кога и во Италија се кројат овошните и лозовите насади.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари