ПЈАЧЕНЦА СТАНА СТРУМИЧЕНЦА СО 10.000 СТРУМИЧАНИ ИСЕЛЕНИ СО БУГАРСКИ ПАСОШ

    ПЈАЧЕНЦА СТАНА СТРУМИЧЕНЦА СО 10.000 СТРУМИЧАНИ ИСЕЛЕНИ СО БУГАРСКИ ПАСОШВо Пјаченца, Италија, живеат околу 10.000 Македонци, најмногу од Струмица и струмичките села, и затоа градот го нарекуваат Струмиченца (Фото: СДК.МК)

    Салата при Домот на АРМ во Струмица викендов беше претесна за сите кои сакаа да присуствуваат на Неделата на италијанскиот јазик и култура, што секоја година се одбележува во организација на Италијанскиот културен центар „Џакомо Леопарди“. Во присуство на италијанскиот амбасадор Карло Ромео беа промовирани  дела  на струмички студенти кои се школувале на италијанските универзитети од областа на модата, дизајнот и архитектурата, а беа изведени и италијански канцони. Амбасадорот истакна дека последниве години сѐ повеќе Македонци живеат во Италија, што го зголемил интересот кај  македонскиот народ за италијанскиот јазик и култура.

    ,,Бројот на странците  заинтересирани за италијанскиот јазик но и за италијанската уметност, музика, дизајн, гастрономија е сѐ поголем.  Ваков е примерот и со оваа земја, а особено Струмица, благодарение на присуството на големата заедница на македонски граѓани што живеат во Италија“, рече Ромео и кажа дека италијанските власти вовеле нов  веб портал за бесплатно изучување на италијански јазик.

    Италијанскиот амбасадор Карло Ромео на Неделата на италијанскиот јазик и култура во Струмица промовирше дела на струмички студенти кои се школувале на италијанските универзитети од областа на модата, дизајнот и архитектурата (Фото: СДК.МК)

    Италијанскиот амбасадор Карло Ромео на Неделата на италијанскиот јазик и култура во Струмица промовирше дела на струмички студенти кои се школувале на италијанските универзитети од областа на модата, дизајнот и архитектурата (Фото: СДК.МК)

    Во отсуство на официјални податоци, се претпоставува дека над 15 илјади струмичани заминале на работа во Италија последниве неколку години и тоа најчесто со бугарски пасош. Најмногу ги има во Пјаченца и регијата Емилија-Ромања. Трендот на заминување не запира посебно во Пјаченца, која поради големиот број струмичани ја нарекуваат Струмиченца.

    Врската на струмичани со Италија е силна и поради сограѓанинот Горан Пандев, капитенот на македонската фудбалска репрезентација, кој одамна игра во Италија и еден од најпопуларните фудбалери во земјата.

    „Овде во Пјаченца најмногу сме од Струмица и струмичките села. По улиците овде, по италијанскиот најчесто се слуша македонскиот, но со струмички дијалект. По продавниците има многу македонски продукти. Мислам дека не има околу 10 илјади Македонци само во овој град, кој брои околу 100 илјади жители. Јас овде сум веќе 8 години оти почнав да не гледам иднина за семејството со земјоделско производство. Дојдов со бугарски пасош. Ми помогна мој роднина, а за две години си го повлеков семејството“, вели Цветан Наков од струмичко Штука. Тој вели дека поради големиот број Македонци во Пјаченца, Католичката црква им отстапила објект за православните верници од Струмица. Тој тврди дека најдобра комбинација за легален и сигурен престој во Пјаченца е да имаш бугарски пасош и добро да го владееш италијанскиот јазик.

    Поради големиот број Македонци во Пјаченца, Католичката црква отстапила објект за православните верници од Струмица, - од литургијата пред 5 години (Фото: СДК.МК)

    Поради големиот број Македонци во Пјаченца, Католичката црква отстапила објект за православните верници од Струмица, – од литургијата пред 5 години (Фото: СДК.МК)

    Во Струмица интересот за изучување на овој јазик е сѐ поголем. Часови се даваат речиси во сите приватни центри и школи за изучување јазици, каде тврдат дека последниве години интересот е поголем за италијанскиот и германскиот отколку за англискиот.

    „Доаѓаат и деца и возрасни чии родители и роднини се на работа во Италија. Го изучуваат за да полесно се запишат на школување во некој од тамошните универзитети или да се вработат онаму каде што нивни роднини нашле слободно место“, велат од струмичките приватни школи за изучување јазици.

    Одењето на работа во Италија, сезонска или постојана и понатаму е актуелно меѓу струмичани. Тие најчесто завршуваат како градежно-занаетчиски  работници или пак во земјоделството при што добиваат месечни плати од 1.500 до 2.000 евра. Нашинците тврдат дека во Пјаченца веќе има и македонски лекари, медицински сестри, сопственици на колонијални продавници, фризерски и берберски салони, а сега се почесто доаѓале млади да студираат на некој од универзитетите во Милано, што се наоѓа на стотина километри од Пјаченца.

    Освен од Струмица и струмичко,  иселенци во Италија, како што тврдат нашинците што со години живеат таму,  има од источните градови на Македонија, Кочани, Делчево, Берово, Валандово, Пробиштип, Виница и Македонска Каменица. Освен во Пјаченца ги има и во Тревизо, Милано, Болцано, Мерано. Се претпоставува дека во Италија живеат и работат над 50 илјади Македонци, кои заминале најмногу во последниве десетина години.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира