ОДБЕЛЕЖАНА 22-ГОДИШНИНАТА ОД МАСАКРОТ КАЈ ВЕЈЦЕ, СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ЈА ОДБИ ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА ПОСТАВУВАЊЕ СПОМЕНИК-ОБЕЛЕЖЈЕ

    ОДБЕЛЕЖАНА 22-ГОДИШНИНАТА ОД МАСАКРОТ КАЈ ВЕЈЦЕ, СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ЈА ОДБИ ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА ПОСТАВУВАЊЕ СПОМЕНИК-ОБЕЛЕЖЈЕСо положување цвеќе им беше оддадена почит на осумтемина загинати полицајци и војници (Фото: СДК.МК)

    На патот кај село Вејце, Одборот на бранители денеска ја одбележа 22-годишнината од масакрот на осуммина припадници на безбедносните сили. Министерката за одбрана Славјанка Петровска, придружувана од претставници на армијата и Стојанче Ангелов од партијата Достоинство, со положување цвеќе им оддадоа почит на загинатите полицајци и војници.

    Во знак на меѓусебно разбирање и почитување, сакајќи на достоинствен начин да им се оддолжиме на загинатите за нивната пожртвуваност и храброст, поднесов иницијатива за подигање спомен-обележје на ова место. Вечна им слава! Овие настани од минатото не треба и не смее да нè разделуваат, напротив, тие треба да бидат паметник од минатото, грешките да не се повторат и страдањата да не оживеат“, порача Петровска.

    Местото одделно го посети и делегација на Одборот на бранители од Тетово.

    Ваков злостор во таа воена 2001 година не е забележан на ниедно друго место освен овде на Шара, овде каде што до ден-денес нема никаков знак на сеќавање на жртвите убиени во одбрана на својата татковина. Свесни дека ниедна цел не е толку возвишена да ги оправда нечесните средства, ќе чекаме трпеливо и ќе се надеваме дека еден ден оние кои го направија ова злосторство правдата ќе ги стигне. Не отидоа сами во смрт, туку државата ги испрати. Таа побара, а тие го дадоа своето највредно, својот живот“, порача Марин Најдов, претседателот на Одборот на бранители.

    На денешната 14. седница на Советот на Општина Тетово, советниците од СДСМ, на предлог на министерката Петровска, побараа на дневен ред да биде ставена иницијативата за поставување спомен-обележје за припадниците на безбедносните сили кои ги изгубија животите во Вејце. Оваа иницијатива беше поддржана само од шестмина советници, двајца на СДСМ и четворица на ВМРО-ДПМНЕ, додека советниците од Движење Беса, ДУИ, ДПА и Алтернатива гласаа воздржано, па предлогот не се стави на дневен ред.

    На 28 април 2001, во напад од заседа беа убиени четворица припадници на воената единица „Волци“ и четворица полицајци при ОВР Битола: Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира