ОДБЕЛЕЖАНА 80-ГОДИШНИНАТА ОД ФОРМИРАЊЕТО НА КОМУНИСТИЧКАТА ПАРТИЈА НА МАКЕДОНИЈА

    ОДБЕЛЕЖАНА 80-ГОДИШНИНАТА ОД ФОРМИРАЊЕТО НА КОМУНИСТИЧКАТА ПАРТИЈА НА МАКЕДОНИЈАЈубилејот е одбележан во куќата на тетовското семејство Јовановски, каде на 19 март 1943 е формирана КПМ. (Фото: СДК.МК)

    На денешен ден во 1943 година, во куќата на тетовското семејство Јовановски, формирана е Комунистичката партија на Македонија (КПМ). На состанокот на кој учествувале Кузман Јосифовски-Питу, Стахил Гигов, Цветко Узуновски, Мара Нацева и Бане Андреев-Ронката донесена е одлука која беше од огромно политичко значење за развојот на македонското националноослободително движење и за развојот на вооружената антифашистичка борба на македонскиот народ.

    По тој повод денес, во куќата на Јовановски, која е дел од Музејот на Тетово, се одржа свеченост на која беше одбележана 80- годишнината од формирањето на КПМ.

    „Формирањето на Комунистичката партија на Македонија на 19 март 1943 година и изборот на Централниот комитет значеше осамостојување на политичкото раководство на Македонија“, рече во историскиот час Миќо Стојчевски, директор на Музејот на тетовски крај.

    Во организацијата и обезбедувањето на состанокот на кој е формирана КПМ активно учествуваа голем број тетовски револуционери, меѓу кои и Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче, кои по војната се прогласени за Народни херои.

    За настаните пред 80 години посведочи и Никола Стојановски, кој годинава наполни 100 години, инаку претседател на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОБ на Македонија.

    „Народот веруваше во КПМ, затоа што таа единствено тргна да го ослободи македонскиот народ. Тоа беше прифатено од сите граѓаните“, рече Никола Стојановски.

    На прославата присуствуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој рече дека одлуката за формирањето на партијата во 1943 е главниот придонес за долго посакуваната повоена македонска државност.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира