Во Вратница денес е одбележана 80-годишнината од падот на американскиот бомбардер во близина на селото и загинувањето на шестмината од деветчлениот екипаж. По овој повод, на спомен обележјето поставено во кругот на селските гробишта во Вратница, заменичката на амбасадорката на САД во Македонија, Никол Вранс, од началникот на Генералштабот на АРМ Сашко Лафчиски, и претставници од Организацијата на резервните воени старешини и други организации положија венци и цвеќе.
„Овие луѓе во тоа време покажаа храброст да ги извлечат преживеаните од урнатините и чесно да ги закопаат оние што загинаа. Разбрав дека има потомци на овие храбри поединци и тие се доказ за длабоките врски меѓу американскиот народ и народот на Северна Македонија, кои се вкоренети во посветеноста на слободата на правдата и на мирот. Сакам да и се заблагодарам на Организацијата на резервни воени старешини на Република Северна Македонија за водењето на овој настан и за помошта да се одржат живи спомените. Ми беше чест и задоволство да бидам тука со вас во ова прекрасно село каде има многу пријатели на САД“, изјави Вранс, која дел од говорот го одржа на македонски јазик.
Организаторот на ова одбележување, Организацијата на резервни воени старешини, рече денешново одбележување на овој настан засекогаш го поврза македонскиот и американскиот народ.
„Акцијата за спасување на пилотите од страна на населението на Вратница е еден редок и скапоцен настан од македонската историја. Сеќавањето и чествувањето на настанот на шестмината загинати од екипажот на бомбардерот, веќе е прифатен како еден од нај симболичните моменти од нашата заедничка соработка со САД. Ова само уште еден показател дека пријателството помеѓу македонскиот и американскиот народ трае долго и е одамнина“, рече Гоце Георгиев, претседател на Организацијата на резервни воени старешини.
На 26 август 1944, американскиот бомбардер Б-24, именуван од екипажот „Наша љубов“, додека се враќа од мисија над Романија во својата база во Италија бил погоден од непријателски оган и тешко оштетен се урнал кај местото Слбица над Вратница. Жителите на Вратница кога виделе дека паднал авионот веднаш се упатиле во планината. Ги пронашле остатоците од авионот и тројца преживеани од екипажот, додека останатите шестмина биле веќе не биле живи. Тројцата преживеани веднаш биле заробени од окупаторската бугарска полиција и однесени во Софија, каде останале се до завршувањето на војната по што биле ослободени од затвор и се вратиле во САД. Телата на шестмина од екипажот на бомбардерот кој не преживеале биле донесени во селото и закопани на селските гробишта во Вратница, каде сега се наоѓа спомен-плоча со нивните имиња. По завршувањето на Втората светска војна, претставниците од американската амбасада во Белград организираа ексхумација на останките на загинатиот екипаж и тие се пренесени и погребани во своите родни места во САД.
Во рамките на одбележувањето на 80-годишнината од овој настан од Организацијата на воени старешини на заменичката-амбасадорка на САД, на началникот на Генералштабот на АРМ и на други личности им беа доделени спомен значки. Во зградата на поранешната Општина Вратница беше одредена една просторија во која се предвидува да се направи спомен-соба посветена на загинатите пилоти од американскиот бомбардер.
З. АНДОНОВ