ОДЛОЖЕНА ЗАБРАНАТА ЗА ВОЗИЛА НА ВОДНО ПОРАДИ ЛОШОТО ВРЕМЕ

    ОДЛОЖЕНА ЗАБРАНАТА ЗА ВОЗИЛА НА ВОДНО ПОРАДИ ЛОШОТО ВРЕМЕНајавената забрана за движење возила на патот до Средно Водно ќе се воведе од наредниот викенд односно од 25 и 26 ноември. (Фото:Фејсбук)

    Викендов нема да стартува забраната за движење возила до Средно Водно. Град Скопје ја одложи примената на оваа мерка која ја најави градоначалникот Петре Шилегов и требаше да старува овој викенд, поради лошото време.

    „Најавената забрана за движење возила на патот до Средно Водно ќе се воведе од наредниот викенд односно од 25 и 26 ноември. Одложувањето на оваа експериментална мерка е поради неповолните временски услови што се најавени за наредниве денови и поради техничките прашања околу усогласување на регулативата. Според планот, оваа забрана ќе важи во еден правец, од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно“, велат од кабинетот на градоначалникот Шилегов.

    За да им излезе во пресрет на граѓаните што сакаат да се рекреираат на Водно, Град Скопје  ќе воведе 2  нови пробни автобуски линии што ќе сообраќаат по принципот на шатл-линии, односно, автобусите ќе се полнат со патници на почетната станица и ќе возат без застанување до Средно Водно. Едната автобуска линија ќе тргнува од пред катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј, а втората ќе тргнува од паркингот кај Цветниот пазар.

    Изминатите викенди, паркинзите на Средно Водно не беа доволни за паркирање на автомобилите, па во паркинг беше претворен патот до Средно Водно. Пешаците и велосипедистите немаат каде да поминат. Возила имаше од двете страни на патот, па дури ни колите не можеа да се разминат. Граѓаните на социјалните мрежи бараа новиот градоначалник на Скопје Петре Шилегов веднаш да забрани движење на возила, особено за време на викендите во зимскиот период кога поради загадувањето во Скопје, Водно е преполно со граѓани.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира