ОДВОИВМЕ 10 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО КУЧИЊА СКИТНИЦИ, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ

    ОДВОИВМЕ 10 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО КУЧИЊА СКИТНИЦИ, РЕЧЕ ШИЛЕГОВШилегов најавува дека резултатите од мерките за проблемот со кучиња скитници на Градот ќе бидат видливи на среден рок. - Бездомно куче на денешната прес-конференција на Шилегов (Фото:М.Златевска)

    Градот системски работи на решавање на проблемот со кучиња скитници но резултатите не можат да бидат видливи веднаш, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, откако вчера жена и нејзиното три годишно дете беа нападнати од кучиња во населбата Хром.

    Шилегов најавува дека резултатите од мерките на Градот ќе бидат видливи на среден рок.

    „Градот во соработка со здруженијата за заштита на животните изготви посебен извештај, во кои се предвидени чекорите за решавање на проблемот со кучињата скитници. Повеќе од 10 милиони денари се обезбедени во буџетот за оваа година, што досега не било практика. Почнуваме системски да го решаваме проблемот и на еден среднорочен рок градот Скопје нема да има проблем со кучињата скитници“, рече Шилегов.

    Во програмата на Град Скопје за решавање на проблемот со кучиња скитници е нивно чипирање. Најдоцна за две години се очекува да биде изготвен регистар на домашни миленици, но и градски регистар на кучиња скитници.

    „До средината на мојот мандат ќе имаме регистар на домашни миленичиња, односно сопствениците ќе мораат да ги чипираат кучињата или мачките. Ќе направиме градски регистар на кучиња скитници, кои исто така ќе бидат чипирани. Во прва фаза ќе бидат опфатени кучињата, а во втора мачките. Наша цел е во Скопје да имаме целосна евиденција и тотално нов третман на кучињата скитници“, рече пред еден месец Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира