ОДЗЕМАЊЕТО НА СОПСТВЕНОСТА НА ДОМОТ „КОПАНКИ“ Е НОВА НАЦИОНАЛИЗАЦИЈА, ВЕЛАТ ОД ПСК „ПЕЛИСТЕР“

    ОДЗЕМАЊЕТО НА СОПСТВЕНОСТА НА ДОМОТ „КОПАНКИ“ Е НОВА НАЦИОНАЛИЗАЦИЈА, ВЕЛАТ ОД ПСК „ПЕЛИСТЕР“Планинарскиот дом стои необновен откако изгоре пред шест години (Фото: СДК.МК)

    Нова национализација во 21. век, вака планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ го нарече решението со кое Општина Битола му ја одзеде сопственоста врз планинасркиот дом „Копанки“ и ја пренесе на државата.

    Во соопштението објавено на Фејсбук страницата на ПСК „Пелистер“ се вели дека како здружение и граѓани се соочуваат со уште еден во низата напади врз нив, планинарството и врз спортот севкупно.

    „Како во најдобри Сталинови времиња, овојпат во 21. век, се спроведува нова национализација. Решението е правно неиздржано, контрадикторно по форма и суштина и истото ќе го поништиме во соодветна законска постапка. Нема да подлегнеме на притисоците, нема да се предадеме. Градоначалничката за ваквото постапување ќе одговара според законот, кој е ист за сите“, стои во соопштението на ПСК „Пелистер“.

    Од Општината соопштија дека со донесеното ново решение за делумно ништовно се огласува она кое беше донесено во 2015, со кое објектот беше легализиран и сопственоста му беше дадена на ПСК „Пелистер“. Легализацијата не се укинува, а како сопственик на објектот сега е запишана Република Северна Македонија.

    Планинарскиот дом изгоре пред шест години. Општина Битола лани побара од ПСК „Пелистер“ да ѝ го отстапи планинарскиот дом „Копанки“, за да може да го обнови. Од Општината тогаш рекоа дека законски не можат да реновираат објект каде стопроцентен сопственик е друго правно лице. Советот на Општина Битола лани летото донесе и заклучок за изнаоѓање решение за санација на домот и се обврза да обезбеди 100.000 евра за тоа.

    ПСК „Пелистер“ одби да ја предаде сопственоста на домот, одговарајќи дека според неговиот статут, не смеат да отуѓуваат имот. По ова, членови на здружението почнаа сами да преземаат мерки за обнова на домот со помош на доброволци. Досега имаат ставено плоча на дел од првиот кат, но работа има уште многу.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира