Единствениот сочуван примерок од ваков вид во Македонија, мозаичната икона „Исус Христос на престол“, е меѓу ретките триесетина преносни византиски мозаични икони зачувани во светот. Составена од ситни обоени камчиња, стаклени коцки и златни елементи, оваа икона од XIV век претставува исклучително уметничко дело во кое се испреплетуваат мајсторската техника, играта на светлината и духовната симболика.
Нејзината вредност не е само во староста, туку и во специфичната техника на изработка. За разлика од традиционалните икони, кај кои претставата се создава со боја, мозаичните икони се обликуваат со внимателно поставување мали тесери под различни агли. На тој начин површината ја прекршува и рефлектира светлината, создавајќи различен визуелен ефект зависно од позицијата на набљудувачот.
Особено значајна е употребата на златните тесери, кои во византиската уметност имаат многу подлабоко значење од декоративната функција. Тие симболизираат простор надвор од земното и материјалното, односно божественото и вечното.
„За разлика од живописната икона, каде што светлината се создава преку бојата, кај мозаичната икона светлината е составен дел од самиот материјал“, објаснува Катерина Велкоска, кустос и историчар на уметноста во НУ Завод и музеј – Охрид.
Таа посочува дека, иако мозаичната техника во византиската уметност најчесто се поврзува со монументалните црковни декорации, паралелно се развила и многу посложена форма на изработка на мали, преносни мозаични икони. Нивната изработка барала исклучителна прецизност, техничко знаење и скапи материјали, поради што биле создадени во ограничен број и најчесто биле поврзувани со највисоките општествени слоеви и престижните црковни центри.
Во светот денес се зачувани само околу триесетина вакви преносни византиски мозаични икони. Слични примероци се чуваат во некои од најпознатите светски музеи, меѓу кои се Лувр во Париз, Метрополитен музејот во Њујорк, Боде музејот во Берлин и Византискиот и христијански музеј во Атина. Охридскиот примерок е единствениот сочуван од ваков вид во Македонија.
Иконата е откриена во 1960 година, за време на евидентирањето на иконите во црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид. Била пронајдена во јужниот параклис, заедно со други икони, а тогаш била датирана во XIV век. Сепак, според Велкоска, постои можност нејзиното потекло да е и од постар период.
На неа е претставен Исус Христос како седи на престол, а нејзините димензии се 28,5 × 21 × 2,5 сантиметри. Делото припаѓа на периодот на Палеологовската ренесанса, кога византиската уметност доживува нов процут, а Охрид е еден од значајните духовни и културни центри на Балканот.
Директорот на НУ Завод и музеј – Охрид, Горан Патчев, е задоволен што иконата го најде своето место меѓу вредните експонати на охридското културно наследство.
„Ова е прекрасен повод на јубилејот на институцијата да презентираме дел од богатствата што ги имаме во нашето депо, за кои речиси и да нема место каде што би можеле да ги презентираме“, рече Патчев.
Токму во рамките на годинешното одбележување на 75 години организирана музејска дејност во Охрид, мозаичната икона „Исус Христос на престол“ е пренесена од музејското депо и поставена во постојаната поставка на Галеријата на икони.
С. ВРЕНЦОВСКА



