ОХРИД ИМА СТАЦИОНАР ЗА КУЧИЊА СКИТНИЦИ, НО НЕМА ДОЗВОЛА ДА ГО КОРИСТИ

    ОХРИД ИМА СТАЦИОНАР ЗА КУЧИЊА СКИТНИЦИ, НО НЕМА ДОЗВОЛА ДА ГО КОРИСТИОбјектот кај месноста Маутскер нема дозвола за користење поради непостоење на урбанистички план за овој дел на градот (Фото: СДК.МК)

    Кај месноста Маутскер во Охрид, „Охридски комуналец” обезбеди објект за сместување на кучињата скитници, но нема дозвола да го користи поради непостоење на урбанистички план за овој дел на градот. Наместо комуналците, за љангачите, како што во Охрид ги викаат овие кучиња, се грижат волонтери.

    Деновиве се случи труење на неколку улични кучиња во самиот центар на градот, а активистите и јавноста енергично побараа отворање на стационар. Не е голем бројот на охриѓани кои знаат дека ваков објект постои, но без дозвола од Агенцијата за храна и ветерина тој не може да биде ставен во функција.

    „За овој дел на Охрид, на самиот влез во градот, не постои урбанистички план и поради тоа, постојниот објект не може да се вметне во него. Познато е дека градот нема ниту нов генерален урбанистички план. Агенцијата за храна и ветерина бара доказ дека стационарот се наоѓа во рамките на легален план за да издаде дозвола за користење”, велат од локалната власт.

    „Охридски комуналец” приспособи еден објект за стационар во овој дел уште пред повеќе од половина година.

    „Имаме и посебно возило за собирање на агресивните бездомни кучиња. Ние обезбедуваме и храна за кучињата, за кои сега се грижат волонтери. Меѓутоа, немаме право ние да се грижиме за нив бидејќи ја немаме потребната дозвола од Агенцијата за храна и ветерина поради урбанистички проблеми“, вели Стефчо Маслов, раководител на Јавна хигиена при „Охридски комуналец”.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира