И ова лето, сопствениците на скапи јахти, глисери и едрилици ќе мора да ги закотвуваат пловилата во Студенчишкиот канал во Охрид. За локалната самоуправа, изградбата на марина не се наоѓа на листата на приоритетни зафати, затоа што имале многу поважни проблеми за решавање.
Во каналот во Студенчишта уште сега речиси да нема место за закотвување на пловни објекти. На навозот се врзани триесетина пловила, а скапите глисери ги полнат резервоарите со канти.
Изградбата на марина во Охрид се најавуваше уште пред десетина години, но ниту една локална власт не успеа да изнајде решение за овој проблем. Прво проблем беше изборот на соодветна локација, а потоа и финансиите.
Имаше предлози марината да се изгради на левата страна од Студенчишкиот канал, но на тоа се спротивставија екологистите, кои предупредија дека ако на таа локација се гради марина, ќе се уништи трската, мрестилиште на крапот. Двајца градоначалници, од кои едниот во два мандата, не успеаја да изградат соодветно место за прифат на пловните објекти.
„Во овој момент, изградбата на марина не е приоритет на локалната самоуправа”, ни изјави шефот за односи со јавност на охридскиот градоначалник, Илија Пиперкоски.
Д. ЧУБРИЌ