ОХРИД НЕМА ДА СЕ НАЈДЕ НА ЛИСТАТА НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ, АМА И ДА СЕ НАЈДЕ НЕ Е ТРАГЕДИЈА, УВЕРУВА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕОРГИЕСКИ

    ОХРИД НЕМА ДА СЕ НАЈДЕ НА ЛИСТАТА НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ, АМА И ДА СЕ НАЈДЕ НЕ Е ТРАГЕДИЈА, УВЕРУВА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕОРГИЕСКИГеоргиески најави и продолжување на акцијата за рушење на дивоградбите за која веќе се обезбедени 6 милиони денари од Владата. (Фото: СДК.МК)

    Охрид до крајов на месецов го очекува Извештајот за напредокот по однос на забелешките на Реактивната мисија на УНЕСКО. Градоначалникот Константин Георгиески уверува дека градот нема да се најде на листата на Светско наследство во опасност, но доколку се случи тоа вели дека само би значело забрзан пристап кон имплементирање на препораките кои градот ги добива со години наназад.

    „Охрид во јануари нема да биде ставен на црната листа, ние во Охрид ќе го добиеме извештајот од реактивната мисија. По тој извештај ќе се расправа на следната сесија на УНЕСКО која не знаеме кога ќе биде поради кризата со пандемијата. Доколку Охрид се најде на листата на загрозени подрачја на УНЕСКО нема да биде национална трагедија, бидејќи нема да биде избришан, туку ќе треба забрзано да се работи на имплементирање на препораките на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство“, вели Георгиески.

    Георгиески најави продолжување на акцијата за рушење на дивоградбите за која веќе се обезбедени 6 милиони денари од Владата. Најпрво ќе се отстрануваат нелегалните градби вдолж крајбрежјето како шанкови и цврсти градби на плажите со цел тие да бидат уредени и подготвени за идната туристичка сезона.

    Според правилата на УНЕСКО, Листата на загрозено светско наследство е создадена да ја информира меѓународната заедница за условите кои ја загрозуваат специфичната особеност поради која еден регион или место е ставен на Листата за светско наследство, а и за да охрабри корективна акција. Ставањето на Листата на загрозено светско наследство му овозможува на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на загрозеното место даде му даде итна помош од Фондот за светско наследство. Тој ја информира и меѓународната заедница за ваквите состојби, со надеж дека ќе се здружат силите за да се спасат загрозените места. Ставањето на Листата загрозено наследство овозможува светската заедница за заштита да преземе специфични мерки за заштита и тоа на ефикасен начин. Се разбира, досега се покажало дека со самите изгледи едно место да се стави на Листата зегрозено наследство веќе се иницирала итна акција за заштита.

    Со вбројувањето на едно место на Листата загрозено наследство, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, во консултација со владата за загрозениот регион, треба да развие и усвои програма за корективни мерки и потоа да врши мониторинг на состојбата на терен. Сите активности треба да се преземат за да се обноват загрозените вредности на местото, за да се овозможи тоа во најкус можен рок д биде тргнато од Листата на загрозено наследство.

    УНЕСКО години наназад доставува препораки по кои градот мора да постапува. Дел од нив се одредувањето на влијанието на бесправно изградените објекти врз животната средина и усогласувањето на сите урбанистички планови со Планот за управување донесен во 2020 година.

    „Една постапка која ќе биде прилично трајна и сложена и треба повеќе ресурси како материјални и правни лекови за постапувањето по бесправните објекти. Потоа усогласувањето на ДУП со Планот на Унеско тоа е фактички измена на плановите кои што не се усогласени, тоа сака време и не може да се направи преку ноќ“, додава Георгиески.

    Според Планот за управување со Охридско-Струшкиот регион, пропаднаа проектите за изградба на ски центарот на Галичица и експресниот пат за Свети Наум, извршена е регулација на сообраќајот во Стар град а изработен е и Регистарот на бесправни објекти.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира