ОХРИД ОСТАНУВА БЕЗ СТАЦИОНАР ЗА КУЧИЊА, ВО АВГУСТ ЌЕ ГИ ПУШТАТ НА УЛИЦА

    ОХРИД ОСТАНУВА БЕЗ СТАЦИОНАР ЗА КУЧИЊА, ВО АВГУСТ ЌЕ ГИ ПУШТАТ НА УЛИЦАОпштина Охрид досега не покажала никаков интерес за решавање на проблемот со бездомните кучиња, велат од здружението „Анималија“

    Охрид по пет години останува без стационар за кучиња, а од здружението „Анималија” најавуваат дека од август сите што се под нивни надзор ќе ги пуштат на улица. Велат дека главна причина за ова е негрижата за стационарот од надлежните локални служби.

    „Сакам да ве известам дека завршувам со какво било работење на терен, излегување во пресрет за спасување, јавување на телефон или одговарање на пораки”, вели активистка од „Анималија“ на Фејсбук профилот на здружението.

    „Анималија“ од Охрид досега спасила околу 50 кучиња.

    „Досега се спасени многу кучиња од улица, вдомени, згрижени. Општината нема никаков интерес за решавање на проблемот, новинарите секојдневно ве трујат со приказни за вонземските суштества што ќе ги сретнете на улица, луѓето трошат премногу енергија во исмејување и критикување на здруженијата, место да ја насочат на вистинското место. Ова е крајот, нема други начини, да имаше, немаше да го пишувам ова”, додава активистката.

    Од здружението се најавува дека до крајот на август приоритет ќе му биде наоѓање дом за кучињата од стационар, наоѓање ново место без импровизации и изнаоѓање начин за вработување на едно лице во стационар.

    „На крајот на август, тие што ќе останат, ќе ги пуштам на улица. Тие кои ме познаваат знаат дека премногу ми е тешко за одлукава, но не можам да му бидам на располагање на цел Охрид и да ги спасам сите кучиња, колку и да сакам. Во септември ја напуштам државата, се надевам дека до тогаш ќе се појават нови луѓе, кои ќе имаат желба да ја продолжат борбата”, вели активистката.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира