На предлог на Стручната комисија за доделување општински награди и признанија, највисокото општинско признание „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ за 2019 година постхумно ќе му се додели на прерано починатиот градоначалник проф. д-р Јован Стојаноски, соопштија од локалната самоуправа.
Решението за доделувањето на наградата, за која имаше пет апликации, го донесе градоначалникот Константин Георгиески. Во образложението, покрај другото, стои дека со постхумното доделување на највисокото општинско признание на прерано починатиот Стојаноски му се оддаваат должна почит и заслужено место во современата историја на Охрид.
Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Советот на Општина Охрид додели две повелби „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ од пристигнатите осум апликации и еден предлог на Комисијата.
Д. ЧУБРИЌ