Охрид прв во земјава воведе скратен број 13 112 за СОС-повици кон планинската служба за спасување.
„Охрид може високо да котира на светската туристичка мапа доколку туристички пулсира во текот на целата година, не само во лето. Нашите стремежи се преку низа содржини и претходно предвидени проекти да развиваме авантуристички, здравствен, конгресен и други видови туризам. Нема сериозен развој на планинскиот и на алтернативниот туризам без зголемување на безбедноста. Сведоци сме на неколку немили настани на македонските планини во изминатите години. Безбедноста при движење на планина е наш приоритет и токму воведувањето на телефонскиот број за СОС-повици многу придонесува во таа насока”, изјави в.д. градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски.
Антонио Додески од спасувачката служба на планини при Црвен крст посочи дека во тек се градежните активности за оформување центар за спасување на планина, каде ќе бидат сместени тренинг и оперативниот центар.
„Понатаму ќе работиме на уште поиновативни начини за брзо повикување помош и лоцирање преку развивање мобилна апликација за паметните телефони и посебен софтвер со кој ќе ги детектираме локациите на несреќа”, кажа Додески.
Телефонскиот број за СОС-повици е дел од проектот „Регионот Охридско Езеро – безбедна дестинација за авантуристички туризам“, финансиран од Европска Унија.
Д. ЧУБРИЌ