Загрижувачка е состојбата со питачењето во туристичките центри. Децата ги носат и ги транспортираат од Велес, Кичево, Струмица, Битола, Штип и останатите градови. Сега најголемата бројка повторно ја имаме во Охрид, а откако ќе поминат празниците и си заминат сите туристи бројката се намалува, рече денеска во Охрид Илија Јовановиќ, претседател на Здружението „Градиме иднина“, а по повод четиригодишнината од почетокот на проектот „Стоп против питачење и злоупотреба на децата и нивното здравје“.
Најзагрозена е ромската заедница и од социјално најранливите категории. Истражувањата покажале дека 18.500 деца не се во школските клупи. За четири години, од 2.000 деца кои секојдневно питачат 145 деца се тргнати од улиците.
Јовановиќ апелира граѓаните да не им даваат пари оти, како што вели, тоа е кривично дело, злосторничко здружување. Со тоа наместо да ги одвикнуваат, ги навикнуваат да питаат по улици, парите завршуваат кај организаторите и мафијата, а децата добиваат од 10 до 50 денари и еден „дебел“ ќотек.

Јовановиќ апелира граѓаните да не им даваат пари оти, како што вели, тоа е кривично дело, злосторничко здружување. (Фото: СДК.МК)
„Нивното работно време започнува од 9 часот и трае до 3 или 4 часот наутро и едно дете има месечна заработувачка од 3 до 5 илјади денари во Охрид каде е најголемото дувло на питачи. Не можеме преку ноќ да ги тргнеме од улица преку 2 .000 деца оти ова е децениски проблем, не само во Македонија туку и во Албанија и во Србија и во многу други земји каде правевме истражување. Но, таму функционираат законите“, вели тој.
Министерството за внатрешни работи (МВР) има поднесено 246 кривични пријави за изминатите години за злоупотреба на децата, тргување, бизнис и проституција.
„За четири години ги разбудивме сите институции, јавното обвинителство, републичкото јавно обвинителство, судството, полициските станици, командирите, началниците, заспаните центри за социјални грижи, Министерството за труд и социјала. Има огромни промени, огромни резултати“, вели Јовановиќ.
Според протоколот, децата мора да бидат вклучени во образовниот систем, да имаат право на здравствена заштита, Министерството за внатрешни да им обезбеди изводи на родени и државјанства, а градоначалниците се должни да го решаваат питачењето во нивниот град со отстранување на питачите од улица и отварање дневни центари.
С. ВРЕНЦОВСКА



