Охрид деновиве е преполн со гости, но и со ѓубре. Огромни количини лименки, хартија и пластични шишиња се расфрлани по улиците и тревните површини.
Оперативните служби на „Охридски комуналец“ пред и по Илинден постојано се на терен. Оценувајќи ја состојбата како вонредна, велат дека дневно се собираат и по 80 тони најразличен отпад. Апелираат жителите и туристите да бидат посовесни.
„Имаме поставено 800 контејнери од 1,1 кубик. Можам да кажам дека над 1.000 кубни метри комунален отпад собираме на ден или 80 тони. Тоа е огромна количина. Дежурните екипи се максимално ангажирани. Се работи во три смени, а целата расположлива механизација е на терен. Доколку граѓаните го почитуваат комуналниот ред, не би имале проблем, но, за жал, сликата во утринските часови е многу грда“, вели Стевчо Маслов од ЈП „Охридски комуналец“.
Оттаму велат дека по примерот на Србија, за поефикасно справување со овој проблем потребно е да сe формира комунална полиција.
„Продолжуваме со максималниот ангажман за чистење на јавните површини, како кејот, градското пристаниште, малото пристаниште кај ‘Палас‘ и градскиот парк, од фрлени лименки, пластични шишиња и остатоци од храна, што, за жал, е реална слика во доцните вечерни часови и наутро. Во вечерните часови се спроведува машинско миење на коловози, пешачки патеки и други јавни површини, што на одредени места е надополнето со рачно миење“, велат од „Охридски комуналец“.
Дополнителен проблем се локациите каде што деновиве се одржуваа бројни музички настани.
„Бројни гости дојдени за одмор и релаксација зад себе оставија купишта отпад на јавните површини по одржаните концерти“, додаваат оттаму.
С. ВРЕНЦОВСКА