ОХРИДСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ ИЗБРОЈАЛ 300 ВОЗИЛА ОД ДРУГИ ОПШТИНИ КАКО ВЛЕГУВААТ ВО ГРАДОТ ЗА 24 ЧАСА, СООПШТИ ОПШТИНАТА

    ОХРИДСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ ИЗБРОЈАЛ 300 ВОЗИЛА ОД ДРУГИ ОПШТИНИ КАКО ВЛЕГУВААТ ВО ГРАДОТ ЗА 24 ЧАСА, СООПШТИ ОПШТИНАТАОд бројката се исклучуваат возилата кои се од соседните општини на Општина Охрид. - Паркинг во центарот на Охрид (Фото: СДК.МК)

    Во изминатите 24 часа на територијата на Општина Охрид влегле повеќе од 300 моторни возила со регистарски таблички од други општини, соопштија вчера од Општинскиот кризен штаб, кој побара од Владата да забрани влез на жители од други општини во градот за велигденските празници. Откако ги избројаа возилата со регистарски таблички од други општини, од Охридскиот кризен штаб констатираа дека им се потврдиле очекувањата и апелираа до сите граѓани кои туристички престојуваат во градот да се придржуваат до препораките за превенција и заштита од КОВИД-19.

    „Се потврдија очекувањата, поради кои Кризниот штаб на Општина Охрид, побара од Кризниот штаб на Владата на Република Северна Македонија да ја разгледа можноста за воведување на забрана за влез на жители од други општини во Општина Охрид и да се зголеми контролата на жителите од Општина Охрид при влез и излез од градот, непосредно пред велигденските празници. Според евиденцијата на членовите на Кризниот штаб, во текот на изминатите 24 часа, на територијата на Општина Охрид е регистриран влез на повеќе од 300 моторни возила со регистарски таблички од други општини. Од оваа бројка се исклучуваат возилата кои се од соседните општини на Општина Охрид. Врз основа на оваа состојба и очекувањата дека во текот на следните два дена, оваа бројка ќе биде значително поголема, се упатува апел до сите граѓани кои туристички престојуваат во викенд становите и куќите на територија на градот Охрид и крајбрежните населени места, да се придржуваат до сите препораки за превенција и заштита од коронавирусот КОВИД-19. Се апелира особено да се почитува полицискиот час, забраната за групни собири и прослави, препораката за држење на соодветно растојание на јавен простор, соодветно депонирање на отпадот и носење на соодветна заштитна опрема“, се вели во соопштението на Кризниот штаб на Општина Охрид.

    Оттаму најавија дека најголемиот производител на леб и бели печива во охридскиот регион „Жито Леб“ ќе се приклучи во хуманитарната акција за доставување на основни прехранбени намирници до најзагрозените семејства, која беше иницирана од Кризниот штаб на Општина Охрид.

    Започнувајќи од денеска, секој работен ден во попладневните часови, Мобилните тимови на Општина Охрид и Охридскиот Црвен крст ќе подигнуваат прехранбени пакети од „Жито Леб“ и ќе ги доставуваат до најзагрозените и социјално ранливи семејства, по утврден список на Црвен Крст.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира