Охридскиот Регион да се впише во Листата на светски наследства во опасност, бараат 40 организации од регионот и од Европа од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО. Тие бараат таа одлука да се донесе на 47 сесија на Комитетот за светско наследство која почна на 6 јули во седиштето на УНЕСКО во Париз.
Во следните неколку дена Комитетот по третпат ќе гласа дали Охридскиот Регион, единственото македонско природно и културно светско наследство, ќе биде впишан во Листата на светски наследства во опасност. Нацрт-одлуката е објавена и предвидува впишување во листата. Покрај останатото, во нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство се бара од Македонија итно да ја подобри заштитата на Студенчишко Блато, веднаш да ги стопира сите градежни активности во околината на блатото и хотелскиот комплекс Горица и да го ревидира предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата за да осигура дека истиот е во согласност со стандардите на ИУЦН и наодите на мисијата од 2024 година.
„Имајќи го предвид степенот на досегашната деструкција, итната потреба за реставрација на природните и културните вредности на подрачјето, екстремно загрижени поради сите се уште нереализирани (но усвоени/одобрени) планови и проекти и реалната опасност за неповратно губење на интегритетот и автентичноста, бараме Комитетот за светско наследство на својата 47 сесија во Париз, Франција, да го заштити и зачува Охридскиот Регион за сите идни генерации, со тоа што ќе ја усвои нацрт-одлуката за негово впишување во Листата на светски наследства во опасност“, се вели во писмото потпишано од 17 организации од Македонија, 13 од Албанија, 1 европска мрежа од 15 организации и 9 организации од Хрватска, Србија, Бугарија, Австрија и Обединетото Кралство.
Граѓанските организации го доставија писмо до сите 21 членови на Комитетот, со кое бараат усвојување на нацрт-одлуката,„имајќи ги предвид претходните две искуства, кога Комитетот ги игнорираше препораките на експертите Охридскиот Регион да биде прогласен за светско наследство во опасност, што резултираше со нови закани и уште поголемо уништување на вредностите“.
Писмото е проследено и со детален извештај на организацијата Фронт 21/42, во кој детално е анализирано што е спроведено на терен до одлуките Комитетот за светско наследство, проследено со визуелни симулации на тоа какво уништување на Охрид и Охридско ќе има ако се спроведат постоечките и планирани урбанистички планови донесени од локалните власти во Охрид.