ОХРИДСКИОТ ТРГОВЕЦ ДИМИТАР РОБЕВ ВО 19. ВЕК САКАЛ ДА СТАНЕ КРАЛ НА МАКЕДОНИЈА И ИЗРАБОТИЛ ПРОПАГАНДНА МАРКА

    ОХРИДСКИОТ ТРГОВЕЦ ДИМИТАР РОБЕВ ВО 19. ВЕК САКАЛ ДА СТАНЕ КРАЛ НА МАКЕДОНИЈА И ИЗРАБОТИЛ ПРОПАГАНДНА МАРКАЛикот на марката е на познатиот трговец Димитар Робев од Охрид, а печатењето било неговата амбицијата за Македонија да добие автономија, односно независност, а тој можеби еден ден да биде и нејзин монарх, смета историчарот д-р Бранислав Светозаревиќ. (Фото: СДК.МК)

    Една несекојдневна серија поштенски марки поврзани со Македонија зборува за вековната желба на македонскиот народ да добие независност и самостојност во немирното балканско опкружување. На оваа серија марки се гледа еден лик на повозрасен човек, облечен во нешто што личи на воена униформа, а над неговиот лик пишува „Краљевство Македонеа“. Марките имаат номинална вредност изразена во динари. Најверојатно потекнуваат од втората половина на 19 век.

    Според историчарот д-р Бранислав Светозаревиќ, кој воедно е и еден од најценетите филателисти во Македонија, ликот на марката е на познатиот трговец Димитар Робев од Охрид, а печатењето на марката било амбицијата на Робев за Македонија да добие автономија, односно независност, а тој можеби еден ден да биде и нејзин монарх.

    „Мојата теза е дека оваа серија марки е изработена околу 1878 година, во периодот непосредно пред одржувањето на познатиот Берлински конгрес, а е изработена со цел да се издејствува добивање на Кнежество Македонија. Таа идеја цело време ја протежира богатиот и надалеку познат охридски трговец Димитрија Робев, еден од познатото семејство Робевци. Во тој период, во втората половина на 19-от век, семејството Робевци било многу моќно и ги имало сите услови да исфрли еден таков човек кој во почетокот би бил прогласен за кнез на Македонија, се разбира доколку светските сили се решат за такво нешто“, вели д-р Светозаревиќ.

    Берлинскиот конгрес, кој се одржал во 1878 година, е од историско и судбинско значење за Македонија. Знаејќи ја важноста на оваа средба на тогаш најмоќните европски сили, Димитар Робев, кој имал големи трговски но и политички врски во многу земји на Европа, мислел дека тоа е вистинскиот момент и Македонија да добие автономија, која би прераснала во кнежевство, а подоцна и во кралство, всушност како што истото тоа го направиле и другите соседни земји кои во тој период се ослободувале од отоманското ропство.

    „На Берлинскиот конгрес главната поента е да се направи ревизија на Санстефанскиот мировен договор постигнат помеѓу Русија и Турција. Со овој конгрес, западните држави сакале да се спротивставуваат на тенденцијата на Русија да се формира една руска сателитска држава т. н. Санстефанска Бугарија, преку која Русија би требало да излезе на топлите мориња. Таа санстефанска држава фактички ја формираат Русите, тие ја ослободија, тие ја воспоставија администрацијата, тие им направија литературен јазик, вметнувајќи многу руски зборови и имаа клучно влијание за формирањето на Егзархијата. Русија сето ова го прави во смисла дека преку еден, условно кажано, близок народ кој зборува словенски, да може да дејствува на Балканот, зошто тогаш и на Русите им било јасно дека нивната експанзија тука некаде и завршува и дека преку вакви сателитски држави ќе може да влијае на овие простори. Западните држави се спротивставиле на ова и на Берлинскиот конгрес направена е ревизија на Санстефанскиот мир и се потрудиле да дадат доказ дека во таа Санстефанска Бугарија не живеат само Бугари, дека живеат и други народи, посебно во Македонија. Во целата таа политичка констелација од тој период, Димитрија Робев ја видел својата шанса. Димитрија Робев бил многу информиран човек кој во тоа време патува и работи низ Европа. Имал неколку свои трговски претставништва низ Европа, а едно од најважните му било во Виена“, вели Светозаревиќ.

    Пред Берлинскиот конгрес во 1878 Робев, кој имал големи трговски но и политички врски во многу земји на Европа, мислел дека тоа е вистинскиот момент и Македонија да добие автономија, која би прераснала во кнежевство, а подоцна и во кралство, всушност како што истото тоа го направиле и другите соседни земји кои во тој период се ослободувале од отоманското ропство. (Фото: СДК.МК)

    И во таа сложена геополитичка состојба во Европа и на Балканот, Робев најверојатно сакал да каже и покаже дека на просторот на Балканот постои една територија на која живее посебно население, различно од околните соседи, и кое сака да се осамостои. Како еден од начините за запознавање на јавноста со овие тенденции било и печатење на една ваква серија марки, што во тоа време, а и подоцна, често се практикувало и во други земји.

    „Оваа марка всушност не е вистинска филателистичка марка издадена од официјалната пошта на некоја земја, туку станува збор за таканаречена ‘пропагандна марка’. Вакви пропагандни марки во тоа време и подоцна, па и сега, печателе поединци или разни организации кои сакале да промовираат некоја идеја или активност. На таа идеја најверојатно бил и Робев, кој асоцирал дека може да се создаде кнежество во Македонија. Како основен доказ за мојата теза дека на оваа серија пропагандни марки можно да е неговиот лик, ја посочувам фотографијата на Димитар Робев и ликот кој е претставен на марката, при што се гледа дека сличноста е многу голема. Тоа е прво. Како втор доказ би ги посочил дипломатски документи од времето на српското кнежевство кои се зачувани до денес, а во кои се истакнува дека Димитрија Робев на некој начин лобирал и барал поддршка од Кнежеството Србија за формирање едно Кнежество Македонија, кое понатаму би прераснало во кралство, по истиот редослед како и кај другите земји од овој регион“, вел д-р Светозаревиќ и додава:

    „Иако оваа марка е малку невешто направена, сличноста на ликот на марката со ликот на Робев е очигледна. На марката исто така има и напис „Македонеа“ (засега останува нејасно зошто така е напишано) и има номинална вредност изразена во динари, што пак укажува дека марката најверојатно е печатена во некоја печатница во Србија, бидејќи текстот е напишан со кирилични букви. Од оваа марка имам неколку варијанти, со различна номинална вредност и различна боја на позадината. Исто така, имам и една марка со истиот лик на со различна шара и боја од другите“.

    Во исклучително богатата збирка марки на Бранислав Светозаревиќ, покрај оваа пропагандна марка има и други марки од овој вид, а кои се поврзани со Македонија.

    „Во филателијата овие т. н. ‘пропагандни марки’ не се категоризирани, многу малку се обработувани и речиси ништо не се знае за нив. Дури во последно време во Македонија значително се зголеми интересот за нив, иако јас ги собирам долго време. Таа тема во филателијата се вика ‘Македоника’, значи издавање марки на тема Македонија кои не се од официјален карактер, кои не се издадени од пошта од Македонија туку се издадени или направени во други држави. Обично таму каде имало услови некоја организација или поединци изработувале вакви ‘пропагандни марки’. Дел од овој вид марки се каталогизирани и веќе се признаени иако не биле ставени во оптек. Светската филателија ги почитува овие пропагандни марки, затоа што ги смета за напори на неослободени народи да ја истакнат својата желба за формирање своја држава. Подоцна, во 1903 година вакви пропагандни марки ќе издаде и тогашната Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО)“, вели д-р Светозаревиќ.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира