Во екот на туристичката сезона Охрид е преполн со гости, но и со ѓубре. Огромни количини лименки, хартија и пластични шишиња се расфрлани по улиците и тревните површини во центарот на градот и вдолж крајбрежјето.
Оперативните служби на „Охридски комуналец“ постојано се на терен, а воведена е и трета смена. Оценувајќи ја состојбата како вонредна, велат дека дневно се собираат и по 900 кубни метри пресуван комунален отпад. Тоа, според нив, е огромна количина и апелираат жителите и туристите да бидат посовесни.
„Дежурните екипи се максимално ангажирани. Се работи во три смени, а целата расположлива механизација е на терен. Најкритично е наутро околу пекарите, рестораните, паркот, пристаништето, па сѐ до хотел ‘Палас’ каде секојдневно се соочуваме со проблеми. Буквално сме спречени во извршување на своите работи. Младите во видно алхохолизирана состојба во тој период се наоѓаат во централното градско подрачје, но имајќи предвид дека се работи за една искусна екипа во ЈП ‘Охридски комуналец’, успеваме работните задачи да ги извршиме навреме и до 7 часот градот веќе е исчистен. Доколку граѓаните го почитуваат комуналниот ред, не би имале проблем, но за жал, сликата во утринските часови е многу грда“, вели Стевчо Маслов, раководител на Секторот за јавна хигиена на „Охридски комуналец“.
Дополнителен проблем се локациите каде што деновиве се одржуваа бројни музички настани.
„Од раните утрински часови се справуваме со расфрлани лименки, пластични шишиња и остатоци од храна кои, за жал, се реална слика во доцните вечерни часови и наутро, каде најголем проблем ни создаваат групите од млади луѓе кои се забавуваат на просторите каде се одржуваат концертите“, додава Маслов.
С. ВРЕНЦОВСКА