Охриѓанецот Мирко Павлески конструираше сеизмометар што може да се монтира во секој дом и кој според своите карактеристики не заостанува зад оние во големите сеизмолошки опсерватории кои регистрираат земјотреси низ светот. Поради ефикасноста, малите димензии и оригиналните решенија, сакаат да го имаат и Американците.
Павлески се решил да конструира сеизмометар по земјотресите кои во јуни и јули 2017 година го тресеа Охрид повеќе од еден месец и ги распаметија жителите. Во август, кога опсерваториите веќе не ги прикажуваа тресењата на почвата во Охрид, тој со своите уреди регистрирал и до 50 помали потреси дневно.
„Таа година кога Охрид се тресеше секојдневно, сеизмолошките центри даваа информации за посилните потреси, а јас сакав да имам свој уред кој ќе дава податоци и за помалите поместувања на почвата. Набргу го направив првиот сеизмометар со кој успеав да регистрирам и многу мали потреси. Тогаш мојот уред регистрираше и до педесетина помали поместувања во земјата дневно. Мојот најнов апарат регистрира потреси и при невреме, кога има силен ветер. Посилниот ветер ги ниша дрвјата, а тоа предизвикува поместување на почвата. Сето тоа го регистрира мојот сеизмометар”, вели Павлески.
Овој уред е составен од механички и електронски дел, има мали димензии и може да се смести во секој дом. Чини не повеќе од 1.000 денари, за разлика од сложените системи, кои чинат илјадници долари.
„Механичкиот дел е мое оригинално решение и се состои од лебдечко механичко нишало кое реагира и на најмал потрес, а електронскиот дел ги регистрира сигналите и ги обработува во облик погоден за комуникација со компјутер. На интернет е достапен слободен софтвер за приказ на овие потреси, развиен од неколку американски универзитети. За охриѓани е интересно што преку овој сеизмометар можат да се регистрираат и движењата на почвата кои ги предизвикуваат брановите во езерото”, кажува Павлески.
Тој има свој Јутјуб канал, а за својот уред има добиено пофалби од познати американски експерти. Воедно, регистриран е, како единствен на Балканот, и во ИРИС системот, конзорциум на 120 американски универзитети и научни установи кои собираат, управуваат и дистрибуираат сеизмолошки податоци. На интернет страницата на ИРИС може во реално време да се следи работата на овој сеизмометар под името МПОХР.
Покрај овој сеизмометар, кој е во фаза на патентирање, Павлески има изработено уште седум други видови сеизмометри, а рецензенти на неговите проекти се познатите интернет страници Hackaday, Planet Arduino, Dfrobot и други.
Д. ЧУБРИЌ