Охрид е преполн за илинденските празници. Најбројни се туристите од Холандија, Полска, Англија, Србија, Турција, но и домашните гости, претежно млади кои овој период доаѓаат за бројните забави и концерти. Охрид има капацитет од 40.000 легла за сместување гости, а охриѓани треба да бидат трпеливи во шпицот на сезона, вели градоначалникот Кирил Пецаков.
„Граѓаните треба да се свесни дека живееме во туристички центар, дека живееме од туризам. Да, порано Охрид бил индустриски град со преку 20.000 вработени во индустрија, меѓутоа денес сите добар дел од приходите, ако не и основните приходи, ги добиваат токму од туризмот. Така што, веќе се научија на трпение“, вели Пецаков градоначалник на Охрид.
Поради големите гужви во Охрид засилени се и полициските контроли. Од полицијата апелираат возачите да бидат внимателни.
Хотелите приватното сместување се исполнети до последно место. Слободна соба за резервација нема во наредните две недели. Приватните станоиздавачи велат дека секоја година во овој период, поради бројните концерти, се исполнуваат капацитетите.
Раздвиженост и гужва има по чаршијата, кафулињата и плажите. Туристичките работници задоволни. Очекуваат сезоната годинава да трае подолго.
„Очекуваме како што е сега полн градот во август да биде до крај на август, а може и септември ако не послужи времето, да остане полн со туристи. Цените на апартманите се движат околу 50 евра. Букирани сме до крај на август“, вели угостителот Крсте Крстески.
Задоволни се и туристите, воодушевени од Охридското Езеро, природата, културно историските споменици, но и гостопримството на домаќините.
„Ова е прв пат да ја посетам Македонија. Многу ми се допадна Света Софија, многу интересна црква. Многу историја. Бевме на прошетка и со брод до манастирот ‘Свети Наум’ на другата страна од езерото. Па така го видовме целото езеро, го посетивме и Музејот Градиште “, велат туристи од Англија.
Литванија е еден од новите пазари од каде еднаш неделно неколку автобуси Литванци од соседна Албанија го посетуваат Охрид.
„Туристите од Литванија многу го сакаат Охрид. Секогаш заминуваме со убави впечатоци од Охрид. Голема шанса за нив е додека се на одмор во Албанија да ја посетат соседната земја и секако еден од најубавите и најважните градови во Македонија“, вели Мартина Овсианикова, туристички водич од Литванија.
С. ВРЕНЦОВСКА