ОКОЛУ 100 ТОНИ ХЕМИКАЛИИ ГОРАТ ВО ПОЖАР БЛИЗУ ФАЛИШЕ, ТЕТОВСКО, СЕ АПЕЛИРА ЖИТЕЛИТЕ ДА НЕ ИЗЛЕГУВААТ НАДВОР ПОРАДИ ЕНОРМНА ЗАГАДЕНОСТ НА ВОЗДУХОТ

    ОКОЛУ 100 ТОНИ ХЕМИКАЛИИ ГОРАТ ВО ПОЖАР БЛИЗУ ФАЛИШЕ, ТЕТОВСКО, СЕ АПЕЛИРА ЖИТЕЛИТЕ ДА НЕ ИЗЛЕГУВААТ НАДВОР ПОРАДИ ЕНОРМНА ЗАГАДЕНОСТ НА ВОЗДУХОТПожарот го гасат тетовските заедно со противпожарните екипи од Скопје, Куманово и Велес. (Фото: СДК.МК)

    Претпладнево околу 10.30 часот, избил пожар во продавница и магацин на фирмата „Евроком“ во близина на тетовското село Фалише, во кои се чувала голема количина бои и други хемиски материјали. На местото на пожарот првин дошла Противпожарната екипа (ПП) од Тетово како и претставници од Центарот за управување со кризи (ЦУК), кои поради големината на пожарот и неможноста тетовските пожарникари сами да го изгаснат, напомош ги повикале и противпожарните екипи од Скопје, Куманово и Велес.

    „Околу 10.30 часот денес е добиена пријава за пожар во просториите на фирмата ‘Евроком’ каде што, меѓу другото, имало и поголема количина на бои и лакови и други хемикалии. Зборував со сопственикот, кој кажа дека можеби имало и сто тони од овие хемиски матери кои се зафатени од огнот. По добиената дојава за пожарот веднаш излегува ПП Тетово, но ние побаравме помош и од скопската противпожарна бригада, како и со кумановската и велешката противпожарна единица. Од нив екипата од Скопје за кратко време пристигна, а секој момент ги очекуваме и кумановската и велешката противпожарна екипа за да помогнат во гаснењето на пожарот кој е веќе во напредна фаза. Поради високата температура постои опасност да се сруши и целата зграда и ѕидовите“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

    Ангелов побарал од Министерството за животна средина да испратат мобилна станица за мерење на загаденоста на воздухот, но од Министерството добиле одговор дека таква не поседувале. Исто така, тој побарал и од АРМ да испратат од единицата за АБХ, која би требало да утврди дали во воздухот има отровни материи.

    „Наша препорака е без потреба да не се биде на ова место затоа што во моментов во воздухот имаме јаглен моноксид, јаглен диоксид, диоксини и други штетни материи. Исто така, во радиус од 2 километри на луѓето им се препорачува да бидат во своите домови и без потреба да не излегуваат надвор. Во наредниот период ќе се изврши испитување на водата и почвата за да се утврди дали има загадување“, изјави д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје од Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира