ОПАСНО СЕ РАСПАЃААТ ЧЕТИРИ КУЌИ ОД 19. ВЕК ВО ШТИП, НЕ СЕ ПОПРАВААТ ОТИ СЕ КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО

    ОПАСНО СЕ РАСПАЃААТ ЧЕТИРИ КУЌИ ОД 19. ВЕК ВО ШТИП, НЕ СЕ ПОПРАВААТ ОТИ СЕ КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВОКуќите не се реновираат оти сопствениците кои сакале да ги продадат добиле решение дека тие се под заштита на државата како културно наследство (Фото: СДК.МК)

    „Внимание: опасност за минувачите и возилата“ е натписот на таблата поставена на ѕидот од една куќа на улицата Гоце Делчев, која води од влезот во Штип до соборниот храм „Св. Никола“. Старите дотраени куќи кои немаат двор ниту тротоар се до самата улица. Кровните конструкции кои се разнишани и пред распаѓање се надвисуваат над улицата, која важи за една од најфреквентните во градот. Повисоките моторни возила минуваат на десетина сантиметри од крововите на куќите.

    Ваквата состојба и континуирана опасност се провлекуваат повеќе од 20 години. Не се реновираат оти сопствениците кои сакале да ги продадат добиле решение дека куќите се под заштита на државата како културно наследство.

    Куќите одамна се празни и во нив никој не живее. Станарите починале, а некои од сопствениците се иселиле. Станува збор за куќи на стари штипски семејства: Цицонкови, Дрмови, Грличкови, Димитрови и на Трајко Кошевалиски, првиот кошаркарски судија кој го донел и првиот баскет во Македонија од Словенија.

    Старите дотраени куќи кои немаат двор ниту тротоар се до самата улица (Фото: СДК.МК)

    „Татко ми почина во 1997 година и оттогаш, нашата, но и останатите стари куќи кои останаа и пред тоа празни, се распаѓаат. Сите имавме намера да ги продадеме куќите, но купувачите се откажуваат затоа што дознаваат дека сопствениците добиле известувања оти овие куќи со стара и вредна градска архитектура од 19. век се под заштита на државата како културно наследство“, вели синот на Трајко, адвокатот Тодор Кошевалиски.

    Порано им било кажано дека Министерството за култура сакало да ги обнови објектите и да ги преадаптира во спомен куќи. Затоа тие бараат државата да ги купи куќите за износ што ќе го договорат, а потоа со нив нека прави што сака.

    Дека не постои адекватна грижа од надлежните служби, тие го наведуваат фактот што и куќите во Штипско Ново Село, што ги купи д-р Жан Митрев, па ги подари на Општина Штип, до денес не се реставрирани, дури три од четирите куќи паднале до темел.

    Според информациите на Музејот во Штип, старите куќи на улицата Гоце Делчев не се предвидени во нивните проекти што ги поднеле до Министерството за култура.

    „Тие не се во наша надлежност, туку на соодветните министерства. Според законот, сопствениците можат да ги реставрираат, но за тоа треба да имаат изготвено проект и можат да аплицираат за помош од државата, која во вакви реставрации учествува и до 30%. Но, законскиот услов е да се задржат надворешниот изглед и архитектонскиот стил, додека ентериерот е избор на инвеститорите. Музејот за вакви проекти предвидува бесплатен надзор“, вели директорот Митко Штерјов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари