Од Општина Битола велат дека се подготвуваат да го стават споменикот на војводата Александар Турунџев на кружниот тек кај старата Ветеринарна станица, но советниците од опоцизијата во општинскиот Совет обвинуваат дека текот повторно ќе се копа. Тој беше копан и летово за да се коригираат деформациите на асфалтот од коловозот кои се појавија само два месеца по изградба на новиот кружен тек на улиците Прилепска и Баталјон Стив Наумов.
Советничката од СДСМ Мирјана Захариевска-Ралевска вели дека повторно ќе се прекопува текот зашто таму треба да се стават цевки од топловодот кој веќе се гради низ Битола.
„На минатата седница на Советот реков дека повторно ќе се прекопува тој несреќен кружен тек кај Ветеринарната станица. Според подлогите, топловодната мрежа треба да поминува токму таму. Сега се бара солуција како да се промени трасата. Меѓутоа таа промена бара и дополнителни средства во изведувањето. Тие средства треба да ги плати АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). Цела работа е сега заглавена на релација АД ЕСМ и Општина Битола“, вели Захариевска-Ралевска.
Од Општина Битола, пак, велат дека активностите за поставување цевки за топловодот се завршени без притоа да се прави прекоп на кружниот тек.
„Претходно, Општина Битола, уште пред отпочнување на реализацијата на проектот за изградба на кружен тек кај Ветеринарната станица, побара од Топлификација да се направат потребните измени, со цел Општината да може да пристапи кон непречена реализација на проектот“, соопштија од Општина Битола.
За поставувањето на споменикот на Турунџев, кој беше направен уште во времето на ексградоначалникот Владимир Талески, од Општината ни одговорија дека во текот на овој месец ќе биде спроведена постапка за јавна набавка за изведба на постаментот. Претходно, за поставување на споменикот ги добиле сите одобренија од соодветните институции.
Од Електрани на Северна Македонија и нивната подружница ЕСМ Топлификација ДООЕЛ Битола не добивме одговор на нашите прашања дали е направена измена на првичниот план и дали цевките ќе го заобиколат кружниот тек.
Кружениот тек беше изграден во ноември лани, а само по два месеца беше констатирано дека е деформиран асфалтот. Корекции беа направени друи по четири и пол месеци, како што рече градоначалникот Тони Коњановски, на сметка на изведувачот. Тоа беше компанијата „Јоскатранс-Трејд“ од Демир Хисар. Вредноста на договорот за изградба на текот првично беше 192 илјади евра. Но, откако изведувачот ја извести Општината дека има недостатоци во проектната документација кои мора да се отстранат за тој да биде согласно важечките стандарди и прописи, беше направен и анекс со што вредноста се зголеми за 37.000 вера или вкупно 229.000 евра.
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) направи студија на случај за кружниот тек и во брошурата за граѓански надзор над јавните набавки, објавија дека во рекапитуларот што изведувачите го доставиле до Општината воочена е врвна математичка прецизност. Имено, сите вишоци во единица мерка квадратни и кубни метри се пресметани во вкупен износ од 2.294.683 денари, што е зголемување за 19,45 проценти од основниот договор. Според Законот за јавни набавки, зголемувањето на основниот договор не смее да надмине 20 проценти.
Ж. ЗДРАВКОВСКА