Општина Аеродром почнува со постапката за изградба на општинската зграда. Откако на јавен конкурс беше избрано идејното решение за изгледот на објектот, Советот на Општина Аеродром на последната седница ја усвои тригодишната развојна програма со која се предвидени и обезбедени средства. Согласно со предвидениот план, во најкус можен рок ќе биде објавена јавна набавка за изработка на главен проект за административната зграда, а веднаш потоа ќе следува избор на изведувач на самата градба.
„Со изградбата на управната зграда заштедуваме средства од буџетот кои досега беа наменети за плаќање месечна кирија, а аеродромци ќе добијат пристојни услови каде што ќе можат да ги добијат сите граѓански услуги. Реализираме уште еден капитален проект од интерес на сите граѓани“, вели градоначалникот Златко Марин.
Зградата ќе се гради во населбата Ново Лисиче, на просторот после крстосницата со булевар Србија и ќе биде со површина од 4.500 квадратни метри.
Општина Аеродром месечно за кирија плаќа 8.000 евра или 96.000 евра годишно. Од буџетот на Општина за оваа година се почетокот на изградбата се обезбедени 15 милиони денари, а останатите средства ќе се предвидат со буџетите за 2022 и 2023 година.
А. АНТЕВСКА