Општина Аеродром ќе гради општинска зграда за повеќе да не дава пари за кирија. Деновиве објавен е конкурс за избор на идејно архитектонско решение за проектирање на управна зграда. Зградата ќе се гради во населбата Ново Лисиче, на просторот после крстосницата со булевар Србија и ќе биде со површина од 4.500 квадратни метри.
Градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин вели дека сè уште не се дефинирано финансирањето на објектот и кога би стартувале градежните работи.
„Се решивме за овој чекор бидејќи од формирањето на Општината во 2005 година ние даваме пари за кирија. Месечниот трошок за кирија ни е 8.000 евра или 96.000 евра годишно. Доколку се решиме сами да ја градиме без помош од Владата тогаш ќе земеме кредит од домашна комерцијална банка“, вели Марин.
Конкурсот трае до 1 март. Во него покрај задолжителните критериуми за проектирање соодветни работни простории, како и простории за прием на граѓани, се бара да се предвидат и современи технологии на градење со материјали и решенија што ќе овозможат висок степен на енергетска ефикасност.
Оценувањето на трудовите ќе го врши стручно жири, а Општината ќе додели и парични награди за најдоброто идејно решение за нова општинска зграда, и тоа 300 000, 100 000 и 50 000 денари.
А. АНТЕВСКА