ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЌЕ ПРАВИ НОВ ПЛАН ЗА СКОПСКО ЛИСИЧЕ, НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ ЌЕ ИМА ЗГРАДИ

    ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЌЕ ПРАВИ НОВ ПЛАН ЗА СКОПСКО ЛИСИЧЕ, НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ ЌЕ ИМА ЗГРАДИСпоред оспорениот нов ДУП, во населбата Лисиче се предвидуваат маркички за девет висококатници. (Фото: Фејсбук)

    Ќе се прави нов Детален урбанистички план (ДУП) за населбата Лисиче, но не се знае дали сите маркички за згради ќе бидат избришани. Откако жителите ма населбата неколку месеци водат битка против бетонизација на населбата и за утре најавија протести, од Општина Аеродром денес соопштија дека веќе тече постапката за ревидирање на првата и изработка на втора ревидирана верзија на Деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче.

    „Комисијата за урбанизам во Општината ги разгледа и прифати најголем дел од забелешките кои граѓаните ги доставија во рамки на јавната анкета. По завршување на оваа фаза, планерската фирма веќе изработува, а Општина Аеродром наскоро ќе ја објави новата ревидирана верзија на планот кој како и досега во рамките на отворена и транспарентна постапка ќе биде изложен на јавна анкета и истиот ќе биде презентиран пред граѓаните и медиумите”, велат од Општина Аеродром.

    Од Општината велат дека интересот на граѓаните е приоритет во носењето на сите одлуки и финалната верзија ќе биде во согласност со потребите и барањата на граѓаните.

    Според оспорениот Детален урбанистички план ЈИ09 блок 09.01, во населбата Лисиче се предвидуваат маркички за девет згради. Долж булеварот Србија на просторот каде сега нема објекти туку само еден автоплац за продажба на коли, има маркички за четири големи згради. Три се осумкатници со приземје, 6 ката и поткровје, а зградата на ќошот меѓу булевар Србија и улицата 12. Македонска бригада е 12-катници со приземје, 10 ката и поткровје. Пет згради се предвидени и долж улицата 12. Македонска бригада, со што на сопствениците на куќите на овој потег им се дозволува да можат да градат згради од приземје, 4 ката и поткровје.

    Парцелата каде ќе се гради 12-катницата е со сопственост на Роберт Јакимовски и Ивица Јаќимовски, газди на градежната фирма „Голден арт“. Тие лани во мај купуваат нива на булевар Србија и кратко време потоа Општина Аеродром на таа нива црта маркичка за 12-катница.

    Овод дел од населбата Лисиче сега е само со куќи и, како што велат жителите, со новиот ДУП ќе се наруши мирниот маалски живот и Лисиче ќе стане како и останатиот дел од Скопје, затрупан со згради на секој чекор.

    Дополнителен проблем е тоа што новите згради од 8 и 12 ката кои се предвидуваат да се градат се нацртани врз главната гасоводна цевка. Цевката за гас со Ф-400 со која се поврзуваат и снабдуваат со гас погоните во поранешната фабрика Железара и фабриката УСЈЕ минува покрај булеварот Србија, односно до нивите каде со новиот план ќе никнат висококатниците. На овој потег, како што велат од Акционерско друштво за вршење на енергетска дејност за пренос на природен гас во државна сопственост НОМАГАС, не смее да се градат згради, односно ако тоа се прави, тогаш цевката треба да биде дислоцирана.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира