ОПШТИНА АЕРОДРОМ ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ГЕНОЦИДОТ НА НАСЕЛБАТА, ЖИТЕЛИТЕ НА СКОПСКО ЛИСИЧЕ В СРЕДА НА ПРОТЕСТ ПРОТИВ НОВИОТ ПЛАН ЗА ОБЛАКОДЕРИ

    ОПШТИНА АЕРОДРОМ ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ГЕНОЦИДОТ НА НАСЕЛБАТА, ЖИТЕЛИТЕ НА СКОПСКО ЛИСИЧЕ В СРЕДА НА ПРОТЕСТ ПРОТИВ НОВИОТ ПЛАН ЗА ОБЛАКОДЕРИСпоред новиот ДУП во населбата Лисиче се предвидуваат маркички за девет згради. (Фото: Фејсбук)

    Жителите на скопската населба Лисиче в среда ќе протестираат против новиот Детален урбанистички план (ДУП) за нивната населба, кој го подготвува Општина Аеродром. Протестот ќе се одржи на булевар Србија кај крстот, со почеток во 17.30 часот.

    „Заедно да кажеме стоп на урбаната мафија и насилната бетонизација која ни следува. Ги повикуваме сите граѓани кои се гневни на градежниот геноцид кои му случува на Скопје, да дојдат и заедно да спречиме населба Лисиче да стане дел од таа приказна“, велат жителите на Лисиче организатори на протестот.

    Според новиот Детален урбанистички план ЈИ09 блок 09.01, во населбата Лисиче се предвидуваат маркички за девет згради. Долж булеварот Србија на просторот каде сега нема објекти туку само еден автоплац за продажба на коли, има маркички за четири големи згради. Три се осумкатници со приземје, 6 ката и поткровје, а зградата на ќошот меѓу булевар Србија и улицата 12. Македонска бригада е 12-катници со приземје, 10 ката и поткровје. Пет згради се предвидени и долж улицата 12. Македонска бригада, со што на сопствениците на куќите на овој потег им се дозволува да можат да градат згради од приземје, 4 ката и поткровје.

    Парцелата каде ќе се гради 12-катницата е со сопственост на Роберт Јакимовски и Ивица Јаќимовски, газди на градежната фирма „Голден арт“. Тие лани во мај купуваат нива на булевар Србија и кратко време потоа Општина Аеродром на таа нива црта маркичка за 12-катница.

    Овод дел од населбата Лисиче сега е само со куќи и, како што велат жителите, со новиот ДУП ќе се наруши мирниот маалски живот и Лисиче ќе стане како и останатиот дел од Скопје, затрупан со згради на секој чекор.

    Дополнителен проблем е тоа што новите згради од 8 и 12 ката кои се предвидуваат да се градат се нацртани врз главната гасоводна цевка. Цевката за гас со Ф-400 со која се поврзуваат и снабдуваат со гас погоните во поранешната фабрика Железара и фабриката УСЈЕ минува покрај булеварот Србија, односно до нивите каде со новиот план ќе никнат висококатниците. На овој потег, како што велат од Акционерско друштво за вршење на енергетска дејност за пренос на природен гас во државна сопственост НОМАГАС, не смее да се градат згради, односно ако тоа се прави, тогаш цевката треба да биде дислоцирана.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира